Франција – Турција веќе не е партнер во источниот Медитеран, изјави францускиот претседател Емануел Макрон пред вчерашниот неформален самит на лидерите на јужните земји од ЕУ на Корзика, јави ДПА.
– Ние, Европејците, мора да бидеме јасни и цврсти, не со Турција како нација или како со народ, туку со владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган – рече Макрон и нагласи дека турската влада се впушти во „неприфатливо однесување“ со истражувања во водите, на што се жалат Кипар и Турција.
САД – По сушата и силниот ветер, пожарите продолжуваат да го опустошуваат Западниот Брег на САД, каде што однесоа шест животи. Жариштата на пожарот се протегаат од државата Вашингтон, на север во близината на границата со Канада, до Сан Диего во Јужна Калифорнија. Во Орегон изгореа 120.000 хектари и се очекуваат голем број жртви и материјална штета на најмалку пет места поради пожарите, додека во тек се масовни евакуации, рече гувернерот Кејт Браун.
Велика Британија – Рочиштето за екстрадиција на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, беше одложено поради стравувањата дека еден од адвокатите вклучени во судењето бил изложен на ковид-19. Судијката Ванеса Бараистер го одложи судењето за понеделник, откако дозна дека еден од адвокатите што ги застапуваат САД во случајот бил изложен на вирусот, пренесува „Ројтерс“. Распитот на Асанж, чија екстрадиција се бара од САД поради наводен заговор, хакирање владини компјутери и кршење на Законот за шпионажа, почна во понеделникот во Лондон.
Колумбија – Пет лица загинаа, а над 50 се повредени во насилни протести што избија како реакција на убиството на маж во Богота, извршено од двајца колумбиски полицајци. Полицијата информира дека на синоќешните протести биле повредени 30 полицајци, а 53 полициски станици, како и 77 автомобили, биле оштетени, по немирите главно во главниот град на Колумбија.