Прага – Чешкиот претседател Милош Земан е хоспитализиран по повреда на раката. Тој беше подложен на операција, која била успешна, изјави портпаролот на претседателот Јиржи Овчачек. Според локалните медиуми, претседателот бил подложен на операција на повредената рака, што не е ситуација опасна по живот. Портпаролот Овчачек додаде дека 75-годишниот претседател ќе ја приспособи својата програма со новонастанатата состојба.
Вашингтон – Гувернерот на Висконсин прогласи вонредна состојба, бидејќи градот Кеноша се подготвуваше за трета ноќ немири, предизвикани од видеоснимката со пукање на полицаец врз еден Афроамериканец под сѐ уште нејасни околности, јави Си-ен-би-си. Афроамериканецот Џејкоб Блејк (29) „се бори за својот живот“ во болница откако повеќепати бил застрелан, соопшти неговото семејство на 25 август. Во таа насока гувернерот на Висконсин, Тони Еверс, прогласи вонредна состојба, велејќи дека ќе распореди дополнителна Национална гарда по две ноќи на немири и грабежи во градот со 100.000 жители.
Пјонгјанг – Севернокорејските медиуми објавија слики на лидерот Ким Јонг-ун на состанокот посветен на коронавирусот и заканата од тајфун, додека во претходните денови повторно се појавија шпекулации за неговата здравствена состојба. Во меѓувреме јужнокорејската разузнавачка служба објавила дека водачот на Северна Кореја ѝ предал дел од своите овластувања на својата сестра Ким Јо-јонг поради „стресот“ со кој тој се соочувал во изминатиот период. Инаку, поранешниот советник на починатиот претседател на Јужна Кореја преку Фејсбук тврдеше дека Ким Јонг-ун е во кома, но без да понуди некаков доказ.
Вашингтон – Светската здравствена организација официјално соопшти дека детската парализа е искоренета во Африка, затоа што, благодарение на масовната вакцинација на децата, веќе четири последователни години нема пријавено случаи. Детската парализа или полио е заразна болест, која главно ги погодува децата на возраст под пет години, ја напаѓа коскената срцевина и може да предизвика неповратна парализа и смрт кога влијае врз мускулите на градниот кош. Пред дваесет и пет години, илјадници деца во Африка биле заразени со полиовирусот што ја предизвикува оваа заразна болест.