Екипите на претпријатието деновиве спроведуваат акција за чистење на езерцата во вториот дел на Градскиот парк. Во акцијата, вработените рачно чистеа и вадеа насобран отпад и гранки од езерцата, информираат од Градот
ГРАДСКИОТ ПАРК ТОНЕ ВО ЃУБРЕ
Едно од најпосетените места за бегство од секојдневието, рекреација, прошетка, па и дишење чист воздух во метрополата е Градскиот парк. Ова е единственото место каде што нема автомобили, огромно е зеленото пространство со дрвја и треви каде што децата можат спокојно да трчаат и да играат, а родителите да уживаат во прошетката без притоа да се грижат за опасности што ги демнат најмилите. И љубителите на кучиња имаат свое катче каде што ги носат своите миленици на игра и дружба со другите кучиња во парковите наменети токму за нив.
Паркот е главна дестинација и за спортистите, кои спокојно можат да ги реализираат своите спортски активности надвор од улиците, додека, пак, велосипедистите на посебно наменетите велосипедски патеки можат да се рекреираат во паркот, а и на самиот кеј покрај Вардар веднаш до Градскиот парк.
Независно дали станува збор за викенд или, пак, за попладневните часови, паркот е преполн со луѓе, особено поради целокупната состојба со коронавирусот, бидејќи граѓаните слободното време, па и одморите ги поминуваат претежно дома.
Сепак, некои граѓани воопшто не знаат да го ценат она што го имаат. Наместо да шетаат и да уживаат во чистиот воздух и мирот што ги нуди Градскиот парк, некои од нив уживаат во правењето неред и хаос фрлајќи отпадоци буквално каде што ќе посакаат во паркот.
Престојот покрај езерцата во паркот го користат за да одморат и за да јадат, меѓутоа, ѓубрето наместо во кантите за отпадоци, завршува во водите на езерцата, на околното зеленило и пешачките патеки. Амбалажи од јогурт, кисела вода, лименки од пиво, пластични чаши, пакувања од разни грицки, па дури и детски играчки, неодамна собраа екипите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.
– Екипите на претпријатието деновиве спроведуваат акција за чистење на езерцата во вториот дел на Градскиот парк. Во акцијата, вработените рачно чистеа и вадеа насобран отпад и гранки од езерцата – информираат од Градот.
За граѓаните ова е сериозен проблем, особено затоа што велат дека и самите се сведоци на несовесно однесување на одредена категорија граѓани.
– Се капат во езерцата, фрлаат шишиња, плукаат, скокаат… Ова сум го видела минимум десетина пати летово, бидејќи живеам во близината и постојано гледам што се прави таму. Јас навистина не знам која им е потребата и каква е сатисфакцијата од ваквото однесување што ни носи штета на сите. Па во тие води пливаат семејства патки, животинскиот свет во паркот пие од таа вода, навистина е нехумано да се однесуваме како сѐ да е во наша сопственост. Себично и нехумано е кон жителите на паркот – вели Јелена Г., која живее во близината на Градскиот парк.
Градските власти во напорите да го разубават и да го направат Градскиот парк поубав и пристапен за сите граѓани, со донација направија реконструкција на сите 19 моста лоцирани во паркот.
– Самата реконструкција опфаќаше целосна обнова на дрвената подлога, со материјали што се поотпорни на климатските промени, поиздржливи, како и целосна обнова на металната конструкција и премачкување на металните површини со боја што овозможува нивна заштита од корозија. Ги направивме дел од мостовите достапни и за велосипедистите и за лицата со отежнато движење со поставување рампи, така што го направивме паркот достапен за сите наши граѓани – изјави неодамна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.