Американскиот државен секретар Мајк Помпео ги демантираше наводите на Северна Кореја дека САД изнеле „гангстерски“ барања за Пјонгјанг, нагласувајќи дека санкциите за Северна Кореја ќе бидат активни се додека не се исполни ветувањето на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за целосна денуклеаризација на земјата.
Помпео, при обраќањето во Токио, каде денеска пристигна на посета, истакна дека денуклеаризацијата ќе биде тешка и дека останала уште многу работа, но остана при ставот дека е постигнат напредок.
Јапонскиот премиер Шинѕо Абе го пофали Помпео за однесувањето при преговорите со Северна Кореја.
Претходно, Пјонгјанг ги обвини САД дека се однесувале „гангстерски“ при претставувањето на нивните барања за нуклеарната програма на Северна Кореја, со што го демантираа тврдењето на Помпео дека е постигнат напредок во однос на клучните прашања.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја посочи дека САД бараат еднострана, целосна, проверлива и неповратна денуклеаризација на Северна Кореја, истакнувајќи дека и покрај тоа, Пјонгјанг се уште му верува на американскиот претседател Доналд Трамп.