Турската воена морнарица објави дека нејзиниот брод „Орук Реис“ ќе спроведе истражувачко дупчење во спорната област во Источниот Медитеран во наредните две недели, што ќе придонесе за раст на тензиите во односите со Грција, проценува „Ројтерс“.
Во таа пригода, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го свика Советот за национална безбедност, во кој покрај него учествуваат министрите за надворешни работи и за одбрана.
Министерот во грчката влада Јоргос Герапетритис рече дека Атина е во целосна политичка и оперативна подготвеност.
Двете членки на НАТО полагаат право на јаглеводородните ресурси во регионот.
Слична најава на Турција минатиот месец предизвика спор, а по интервенцијата на германската канцеларка Ангела Меркел, Турција се согласи да ги одложи операциите.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Турција продолжила со работата на истражување на нафта и гас во источниот дел на Медитеранот, затоа што Грција не ги исполнила своите ветувања во врска со тие активности во регионот.
Тој го рече откако Грција го потпишала договорот со Египет, кој ја поставува поморската граница меѓу двете земји и ја означува ексклузивната економска зона за правото на истражување на нафта и гас.
Ердоган го нарече договорот „ништовен“ и оцени дека претставува одговор на договорот меѓу Турција и меѓународно признатата либиска влада