Луѓето се многу возбудени што 12 дена во земјата ќе ги имаат најдобрите играчи на светот. Веруваме дека ќе имаме повеќе од 15.000 навивачи, без билети, секако, кои ќе дојдат во земјата во текот на тие 12 дена поради турнирот, но во основа ќе се забавуваат. Во овие денови да се има настан што може да генерира 50 милиони евра и настан што ќе се гледа низ светот е многу важно и сигурно позитивно ќе влијае врз земјата, вели Даниел Са, извршен директор на португалскиот институт за администрација и маркетинг

ФУДБАЛ

Португалија може да очекува прилив од илјадници љубители на фудбалот во август, кога главниот град Лисабон ќе биде домаќин на последните фази од Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава. Европа е погодена од пандемијата на коронавирусот, поради што Европската фудбалска унија (УЕФА) во мај одлучи мечевите во четврт-финалето, полуфиналето и во финалето, да се одиграат во Лисабон.
Осумте екипи ќе се соберат во ист град, па оттаму УЕФА верува дека без поголеми проблеми поврзани со ковид-19 ќе може да ги организира натпреварите. Според Даниел Са, извршен директор на португалскиот институт за администрација и маркетинг (ИПАМ), Португалија може да очекува приходи од околу 50 милиони евра. Потоа тука е и потенцијално непроценливото промовирање на земјата, иако натпреварите во ЛШ во главниот град треба да се играат зад затворени врати.
Лисабон претходен пат беше домаќин на финалето во ЛШ во 2014 година, кога се сретнаа два шпански, мадридски тима, Реал и Атлетико (победи Реал Мадрид со 4-1) на „Естадио да Луж“ на Бенфика, на истото место каде што ќе се игра и годинашното финале.

– Веруваме дека ќе имаме повеќе од 15.000 навивачи, без билети, секако, кои ќе дојдат во земјата во текот на тие 12 дена поради турнирот, но во основа ќе се забавуваат – изјави Са.
Сепак, тоа би било само мал дел од онаа бројка што се собра лани во Мадрид кога во сеанглиското финале Ливерпул го совлада Тотенхем со 2-0. Процените се дека во тие денови околу 150.000 навивачи патувале во Шпанија.
Сигурно на локално ниво од голема помош ќе биде ако италијанскиот Јувентус се квалификува во завршницата, бидејќи за „старата дама“ настапува Португалецот Кристијано Роналдо. Јувентус во Торино, на 7 август, го пречекува францускиот Лион од кого беше поразен во првиот осминафинален натпревар со 1-0.
– Роналдо е многу голем бренд во Португалија и во моментов некои Португалци навиваат за Јувентус. Тоа може да го привлече вниманието во Португалија и да го зголеми економското влијание. Луѓето се многу возбудени што 12 дена во земјата ќе ги имаат најдобрите играчи на светот – вели Са.

Тој посочува и дека во Португалија во минатото успешно се одржаа Европското првенство (ЕП) во 2004 година и минатогодишното финале во Лигата на нации (ЛН).
ИПАМ ги проучува најверојатните навики во однесувањето, ги проучува резервациите за патувањата, изгледите за употреба на ресторани, шопингот, забавата и туристички активности што се нудат. Са рече дека финансиската добивка од финалето во ЛШ во 2014 година изнесувала 46 милиони, а од ланското во Мадрид околу 60 милиони евра.
– Во овие денови да се има настан што може да генерира 50 милиони евра за земјата и настан што ќе се гледа низ светот е многу важно и сигурно позитивно ќе влијае врз земјата – рече Са.