Заврши ноќната пенал-мора за фудбалската репрезентација на Англија. По серијата неуспеси (шест елиминации и само еден триумф на ЕП и на СП) при изведувањето пенали, Англичаните конечно успеаја да добијат еден таков меч, совладувајќи ја Колумбија во осминафиналето на Светското првенство (СП) во Русија со 4-3 (по 120 минути игра беше 1-1).
Претходно на СП, Англија ги загуби мечевите од Германија во полуфиналето во 1990 година, од Аргентина во осминафиналето во 1998-та и од Португалија во четврт-финалето во 2006 година. На ЕП Англија, исто така, трипати беше елиминирана, од Германија во полуфиналето во 1996 година, од Португалија во четврт-финалето во 2004-та и од Италија во четвртфинален меч во 2012 година. Единствениот пенал-триумф Англичаните го забележаа во четвртфиналната пресметка со Шпанија на ЕП 1996, на кое беа домаќини.
Така, Англија остана со три пораза на пенали на СП, колку што од претходно има Италија, а од ова СП и Шпанија. За Колумбија ова беше првпат на СП да игра меч на пенали.

Дуелот Англија – Колумбија беше трет на ова СП, по Русија – Шпанија и Хрватска – Данска, што беше одлучен по изведувањето пенали. На трите дуела репрезентациите што први шутираа беа елиминирани.
Англичаните го преживеаја тестот за нервите и ги надминаа огромниот психолошки притисок и товар на плеќите поради претходните неуспеси на вакви натпревари, што може да им биде од голема корист на следните дуели.
На мечот, во центарот на вниманието беа поединците, кај Англичаните голманот Џордан Пикфорд, кој му го одбрани решавачкиот пенал на Бака, и напаѓачот Хари Кејн, кој досега постигна шест гола (шутираше шест пати) на ова СП, на трите меча, на колку што настапи. Само тројца фудбалери се поуспешни од него во оваа категорија голови на три меча на мундијал, Унгарецот Шандор Кочиш (девет), Германецот Герд Милер и Аргентинецот Гилјермо Стабиле (двајцата по седум гола). Во составот на Колумбија повторно блесна Мина, стрелецот на израмнувачкиот гол во 94-та минута, трет за него на ова СП, сите постигнати со глава, претходно со Полска и со Сенегал.