Тревога од нашинците на Малта

Македонските државјани кои се обидуваат да го регулираат престојот на Малта, преку писмо се обратија до Владата, МНР, МВР, како и до медиумите, во надеж за изнаоѓање решение за продолжување на личните документи потребни за обновување на работната дозвола. Тие упатија предлог да им бидат издадени посебни персонализирани или генерални потврди од страна на надлежните македонски институции, кои би биле доставени до органите на Малта за пречките да бидат надминати, но посочуваат дека засега не им е понудено соодветно решение

Голем број на македонски државјани кои живеат на Малта се соочуваат со потешкотии при регулирање на престојот бидејќи им истекле личните документи потребни за обнова на работните дозволи. Се јавува проблем затоа што тие не се во состојба да ги продолжат личните документи (престануваат да важат сите биометриски пасоши издадени во 2010 година) поради неможноста за патување во ЕУ, односно да се вратат во земјава, што се должи на рестрикциите во пандемијата. Македонските граѓани на тој начин се доведени во опасност да ги изгубат своите работни дозволи на Малта, да ја напуштат државата без изгледи за враќање, со што ќе останат без работа и без основни средства за егзистенција. Згора, според последните информации, влезот и излезот од Малта за Македонците би бил овозможен најрано в година.

Токму затоа, македонските државјани преку писмо се обратија до Владата како и до медиумите, во надеж за изнаоѓање решение. Тие упатија предлог да им бидат издадени посебни персонализирани или генерални потврди од страна на надлежните македонски институции, кои би биле доставени до органите на Малта за пречките да бидат надминати. Но, посочуваат дека засега не им е понудено соодветно решение, иако ги полагаа надежите и во македонската амбасада во Рим. Оттаму добиле одговор дека можат да достават листа на чекање, но во тој случај процесот на издавање на документи би можел да трае повеќе од шест месеци, како што се тврди во писмото.

Македонците бараат од институциите официјално да ја известат малтешката влада или агенцијата задолжена за издавање дозволи „Ајдентити Малта“, дека на сите државјани кои се наоѓаат во оваа ситуација, македонската влада ќе им издаде нови патни исправи веднаш штом се создадат услови за тоа преку амбасадата во Рим или во Македонија по отварањето на авионските линии Малта – Скопје.

„Нова Македонија“ во меѓувреме стапи во контакт со македонски иселеник на Малта за да дознае повеќе за ситуацијата, а упати и прашања до повеќе македонски институции кои би биле надлежни за изнаоѓање решение.

– Има многу шпекулации поврзани со ова прашање. Се вели дека од амбасадата во Рим е испратен допис до малтешките органи да ги прифатат документите иако се неважечки, односно оти државата гарантира за нив. А на Малта тврдат дека не стигнал никаков допис. Мора да се направи координација со македонските институции за да се изнајде решение. Се јавив во МНР и кај министерот за дијаспора со барање да добијам информации бидејќи се работи за македонски државјани. Добивме штуро објаснување од амбасадата, со што дополнително треба да разговараме – вели изворот на „Нова Македонија“ од Малта, кој информира и дека ќе има средби со надлежните институции во Македонија.

Се проценува дека на Малта моментно престојуваат 16 илјади македонски државјани, со што не е познато колкумина од нив се соочуваат со проблемот со документите. Во продолжение ви го пренесуваме интегрално писмото испратено од Македонците од Малта. М.Ж.


До
Влада на Република Северна Македонија, Претседател
Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Министер
Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија, Министер,
Амбасада на Република Северна Македонија во Рим, Амбасадор

Предмет – Проблеми со патни исправи Итно!

Почитувани,

Во моментов во Малта престојуваат неколку илјади македонски државјани, од кои повеќето се со истечени македонски патни исправи и/или патни исправи кои се со важност до крајот на оваа година. Овие лица имаат регулиран престој во Малта, но за обнова на работните дозволи Identity Malta им бара при доставување на документацијата за обнова на работна дозвола да достават и важечка патна исправа или патна исправа со важност од најмалку една година пред датумот на доставување на документацијата за обнова на работната дозвола.

Поради новонастанатата ситуација со пандемијата Ковид19, голем дел од нас не беа во можност да се вратат во својата татковина и да ги обноват патните исправи иако имаа закажано термини за тоа во минатиов период. Со оглед на моменталната ситуација, во која државјани на РСМ не можат да патуваат во ЕУ односно неможноста македонските граѓани да отпатуваат во својата држава за да ги обноват патните исправи, ве молиме за изнаоѓање на соодветно решение и издавање на посебни, персонализирани или генерални потврди од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија, кои би биле доставени до барателите или до органите во Малта, со цел решавање на овој проблем.

Во оваа прилика би сакале да напоменеме дека во неколку наврати секој од нас поединечно ги контактираше горенаведените наслови при што не е добиен позитивен одговор ниту е понудено какво било решение за наведеното барање. Некои од нас добија допис од МВР во кој е наведено: “доколку имате можност до 31.07.2020 да дојдете во РСМ и да аплицирате за пасош, бидејќи во конкретниот случај не гледаме друго решение” или од Македонската Амбасада во Рим, е доставен допис со број 30-03-317/1 во кој е наведено дека поради вонредната состојба во нашата држава, важноста на Македонските пасоши е продолжена до 31-ви јули, 2020 г. Наведените одговори се далеку од очекувањата кои ние македонските граѓани ги имаме од наведените институции кои се должни да изнајдат начин или решение за наведениот проблем и да достават официјален допис до органите во Малта во кои ќе се наведе следново:

Владата на РСМ и Министерството за внатрешни работи како надлежен орган на сите свои македонски државјани, кои поради Ковид19 пандемијата не се во можност да допатуваат во својата татковина и се соочуваат со истечени патни исправи или исправи со важност до крајот на 2020 година, ќе им ги обнови / издаде нови патни исправи во моментот кога за тоа ќе настанат услови согласно законите на РСМ.

Од друга страна, од Амбасадата во Рим, ни е укажано дека не се надлежни за издавање на патни исправи во време на пандемијата и дека нашите граѓани можат да ги обноват истите само во Република Северна Македонија, или со доставање на листа на чекање до амбасадата во Рим, процес кој би траел повеќе од шест месеци заради неможност да се обезбеди тим – мобилна екипа за фотографирање, и плус две доаѓања во Рим за сликање и за подигање на пасошот. Укажуваме дека поради наведениот проблем, македонските граѓани се доведени во опасност да ги изгубат своите работни дозволи на Малта, да излезат од Малта и поради немање регулиран престој да не се во можност да се вратат, да останат без работа и без основни средства за егзистенција.

Истовремено, според последните најави на малтешката Влада, влезот за државјани од Република Северна Македонија или излез би бил овозможен дури во 2021 г. Со задолжителен карантин од 14 по влез, што повторно не оди во прилог на македонските државјани кои веќе имаат редовен работен однос во Малта.

Наведениов проблем, сме убедени дека го имаат и други македонски државјани кои не живеат во Република Северна Македонија, а се соочуваат со истиот проблем, бидејќи оваа година истекуваат сите биометриски пасоши кои беа издадени за прв пат во 2010 г. Со оглед на горенаведеното, бараме итно решавање на овој проблем или горенаведените институции официјално да ја известат малтешката влада или Identity Malta, дека на сите државјани кои се наоѓаат во ваква ситуација, Владата на Република Северна Македонија ќе им издаде нови патни исправи веднаш штом за истото ќе се создадат услови преку амбасадата во Рим или во Република Северна Македонија, веднаш по отварањето на авионските линии Малта – Скопје. Во прилог на ова барање ви доставуваме горенаведеното писмо од амбасадата во Рим, електронска комуникација со Амбасадорот во Рим, допис од Identity Malta, во кој е наведен типот на документот потребен за процесирање на работните дозволи на Македонците со истечени патни исправи или дозволи кои ќе истечат во 2020 г и одговор од МВР (сите споменати погоре).