Бројот на хоспитализирани пациенти до утрово изнесува 379 или 13 отсто од вкупниот број активни случаи, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. Тој кажа дека 87% од вкупниот број дијагностицирани лица се на домашно лекување, или практично асимптоматски.
– Во модуларната болница има 60-ина слободни кревети и е целосно слободна. Само еден пациент е сместен во болницата во Козле, којашто во изминатиот период и во овие неколку денови се стави во функција за третман на ковид-позитивни пациенти – рече министерот.
Тој информира дека според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од вкупниот број позитивни случаи регистрирани во период од 12 до 20 јуни, најголем дел се од Скопје – 58.3% и од Тетово – 14.2%.
Со ова, кажа Филипче, се докажува тоа дека овие два града и нивната околина се најголемите жаришта во државата.
Министерот, исто така, информира дека денеска преку итна неповратна помош, преку амбасадата на Јапонија, земјава го добила лекот „фавипиравир“, познат како „авиган“.
– Добивме антивирусна терапија Авиган за 100 пациенти заболени од ковид-19 – кажа тој.
Филипче информира и дека на состанокот на Комисијата за заразни болести разговарале за дополнително попуштање на мерките, пред сѐ на мерките коишто сега даваат забрана за работа на повеќе економски оператори.
– Епидемијата е сѐ уште во полн ек, состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Вирусот е тука, ќе мора да продолжиме да живееме со него и да се навикнеме на правилата за лична заштита. По овие правила ќе функционираме веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната година – кажа Филипче.
Здравствените работници, додаде тој, направија и прават сѐ што можат најдобро да го заштитат населението.
– Не смееме да дозволиме со непочитување на мерките да го деградираме трудот на сите кои деноноќно се во првите борбени линии. Сметам дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација. Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси, и сите околу нас – рече министерот.
Тој упати порака до политичките партии да се почитуваат мерките, без исклучок.
– Порака за сите партии да бидат пример со почитување на мерките и да не дозволат кампањата да биде ризик за граѓаните. Од нив се очекува тие да дадат пример како се штити здравјето на граѓаните. Мерките не се тешки, тие се исклучително ефикасни и потврдени од многу земји во светот, да се носи заштитна опрема, да се одржува физичката дистанца, да се одржува лична хигиена и да се почитуваат протоколите за работа на економските оператори – кажа Филипче.