Преку креирање дигитална платформа се планира да се зголеми конкурентноста и да се отвори можноста за пласирање на финални производи од текстилните компании и чевларската индустрија во земјава до странски пазари, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска по работната средба за иницијативата „Модернизација и нови пазари“ од третиот сет мерки, со претставници од текстилната, чевларската индустрија, МАСИТ, УСАИД, БЕП (Business Ecosystem Project), Асоцијација за е-трговија и Старт уп Македонија за реализација на оваа идеја.
Како што беше истакнато на состанокот, кој се одржа во Министерството за финансии, скоро 80% од текстилното производство во земјава е лон производство. Чевларските работилници пак, како што посочија претставниците, најголем број се мали компании. Преку мултисекторски пристап може да се отклучи потенцијалот, претприемнчикото размислување, користење на нови технологии и пласман на квалитетни домашни текстилни производи и чевли.
– Од претставниците на компаниите беше поздравена идејата за формирање на дигитална платформа (marketplace). Се планира истата да се формира како независна, во која ќе можат да пристапат сите заинтересирани компании од текстилната и чевларската индустрија. Министерство за финансии заедно со Царинска управа ќе работат да ги олеснат сите административни пречки и да го олеснат патот за сите компании – соопшти Министерството за финансии.