Проблемите со уличното осветлување може да бидат различни. Кај некои задоцнет тендер за избор на фирма, а кај некои поставување нови светилки што поради коронавирусот е во застој. Во Гази Баба две седмици граѓани имаат темни улици, а надлежните тврдат дека причина е дефект на мрежа
Жители на општината Гази Баба две седмици се жалат на осветлувањето на некои од улиците во различни населби. Некои пријавувале и барале уличното осветлување да се поправи, а некои и не знаеле каде да се обратат и која е причината за темните улици. Проблеми со уличното осветлување има на улиците Јани Лукaровски во населбата Автокоманда, на улицата Палмиро Толјати во населбата Маџари, улицата Фуштанска во населбата Ченто и на улицата Анри Барбис исто така во населбата Маџари.
Марина Митева Стојановска уште на 9 мај на социјалните мрежи пишуваше за проблем со уличното осветлување уште од многу поодамна. Обраќајќи се до надлежните, таа прашуваше каде да се обрати за уличното светло број 7.089, за кое неколкупати пријавувала. Ѝ било речено дека ќе одат мајстори да поправат, но, еве, поминаа неколку седмици и никој сѐ уште не отишол…
Пред десетина дена групата „Автокоманда сака да дише“ напиша: „Неколку дена по ред нема улично осветлување во Автокоманда по 19 часот. Некое инфо? Што е ова, затемнување на сонцето, месечината или нешто трето?“
Администраторот на групата „Ѕид на општина Гази Баба“ следниот ден информира: „Проблемите со уличното осветлување во Црешево, на улиците Јани Лукровски и Палмиро Толјати денеска треба да се решат. За Фуштанска ќе се решава наредната недела, бидејќи се работи за поголем зафат, поради палење канделабар и уништување кабел од повеќе метри. На Анри Барбис првично е решен проблемот, деновиве ќе се отстрани главниот проблем“.
Но ден потоа Благоја Бади Апостолов пишува: „Пак нема улично осветлување на Јани Лукровски“. На тоа од групата „Автокоманда сака да дише“ напишаа: „Пали-гаси е работава“.
Од Општина Гази Баба не одговорија дали и кај нив граѓаните се пожалиле на темните улици и проблемите со уличното осветлување, но кратко потврдија дека се работи за мрежен дефект.
– Во дел од населените места во општината Гази Баба нема електрична енергија поради дефект во мрежата, за кој службите на општината се информирани и заедно со ЕВН работат на санирање на дефектите – објаснуваат надлежните од Општина Гази Баба.
Со намера да информираме за какви дефекти станува збор и уште колку долго ќе трае, побаравме одговор од ЕВН, од каде што ни рекоа дека тие не се надлежни за уличното осветлување.
– Ние законски немаме ништо со уличното осветлување, и според новиот закон за енергетика и според постојните мрежни правила. Уличното осветлување е под ингеренции на локалната самоуправа – објаснуваат од ЕВН.
Од она што го кажуваат некои од другите општини, причините за проблеми со уличното осветлување може да бидат различни. Кај некои задоцнет тендер за избор на фирма, а кај некои поставување нови лед-светилки што поради коронавирусот е во застој.
– Новото улично осветлување со лед-светла е поставено на 80 отсто од територијата на Ѓорче Петров. Очекуваме да се заврши целосно во периодот што следува. Имавме мал застој поради состојбата со ковид-19, поради тоа што транспортот е од Република Турција. Неосветлени улици речиси нема, има одредени места за кои граѓаните реагираат, најчесто во руралниот дел, но тие се оние 20 проценти што недостигаат и наскоро ќе се постават. Генерално, граѓаните се презадоволни и Ѓорче блеска како никогаш досега – информираат надлежните од Општина Ѓорче Петров.
Од Општина Бутел, пак, велат дека имале поплаки од граѓани во јануари, затоа што доцнел тендерот за избор на фирма за одржување на уличното осветлување, но сега тој проблем бил надминат.
– Ние како општина секогаш правиме напори јавните површини, парковите, улиците, паркинзите, спортските и детски игралишта на нашата територија да бидат добро осветлени. Кога има пријави од граѓани за прегорени светилки, преземаме мерки за нивна замена.
Што се однесува до жителите на Општина Кисела Вода, со барања за подобрување на осветлувањето во нивните населени места може да се обратат на општинскиот Фејсбук, на мејлот [email protected] и директно кај надлежните за јавното осветлување на телефонските броеви 072/314927 и 076/495494.