Според член 68 од Законот за градежно земјиште, градежното земјиште сопственост на државата се отуѓува со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација доколку лицето има во сопственост повеќе од 30% од градежната парцела. Според членот 65 став (2) од Законот, отуѓувањето на градежното земјиште сопственост на државата со непосредна спогодба се врши по поднесено барање од физичко или правно лице.Во конкретниот случај, постапката за отуѓување на државното земјиште, Министерството за транспорт и врски ја изврши според позитивната законска регулатива, се вели во соопштениетов во врска со информациите што беа истакнати од претставници на Државната комисија за спречување на корупција, а во однос на отуѓување на државно земјиште на парцелата наспроти хотелот „Холидеј Ин“.
– Сакаме да потенцираме, пред отуѓување на државното земјиште, Министерството за транспорт и врски изготви решение за отуѓување и го достави до Државното правобранителство. Во конкретниот случај, Државното правобранителство даде позитивно мислење за отуѓување на конкретната градежна парцела, што значи дека за отуѓување на конкретната парцела се исполнети сите услови од Законот за градежно земјиште и плус позитивното мислење од Државното правобранителство дека конкретната парцела може да се отуѓи.
Со тоа, ги отфрламе сите обиди со кои се дава сомнеж на постапката за отуѓување на градежната парцела. Во однос на тоа што се предвидува да се гради на конкретната парцела, не одлучува Министерството за транспорт и врски, туку одлучува општина Центар и граѓаните на општина Центар – се вели во соопштението.