Затворите се најдоа на осмото место на листата на „Њујорк тајмс“ на најпогодени институции и локации во САД. На првото место на списокот се старечките домови, а на второто крузерите
„Њујорк таjмс“ за најпогодените институции од ковид-19 во САД
Коронавирусот го загрозува затворскиот систем во САД, пишува „Њујорк тајмс“. Според истражувањето на угледниот американски весник, во некои американски затвори позитивни на вирусот се повеќето од затворениците, но и администрација и вработените.
Така на пример, во затворот во Марион, Охајо, кој има најголема стапка на инфицирани во целиот американскиот затворски систем, заразени се повеќе од 80 отсто од вкупно 2.500 затвореници и 175 вработени. И бројот на смртни случаи предизвикани од коронавирусот се зголемува во затворите низ целата земја, а затворскиот персонал нема решение, бидејќи не може да обезбеди физичко дистанцирање во пренатрупаните затвори, а се соочува и со недостиг од медицински персонал и заштитна опрема.
Неодамна почина 30-годишна Индијанка од Јужна Дакота, која била во сојузниот затвор од март поради обвинение за продажба на дрога. Таа била бремена и набргу по доаѓањето во затвор се разболела и завршила на респиратор. Породена е со царски рез, а починала неколку недели подоцна. Бунтови поради несоодветните услови и бавниот одговор на затворските управи во врска со коронавирусот избиле во затворите во сојузните држави Вашингтон и Канзас.
Поради тоа што и дел од персоналот е заразен со вирусот, управувањето со затворите е отежнато. Во затворот во Ленсинг, Канзас, Дејвид Картер даде отказ по 15 години работа, велејќи дека му е подобро да остане без плата, отколку да ги ризикува сопственото здравје и здравјето на семејство.
– Не сакам да бидам вклучен во институција, која е темпирана бомба – вели тој.
Поради шареноликото управување со затворите – сојузни, државни и локални, а многу се и приватни, тестирањето е спорадично, а уште поретко е пријавувањето на тие резултати на власта.
Врз основа на јавно достапните информации, заразени се вкупно 13.436 затвореници и 5.312 вработени низ затворите во целата земја. Но во повеќето затвори воопшто и не е спроведено тестирањето. За затворите во пет сојузни држави нема никакви податоци.
Затворите се најдоа на осмото место на листата на „Њујорк тајмс“ на најпогодени институции и локации во САД. На првото место на списокот се старечките домови, а на второто крузерите. Една од причините за тоа е што во затворите има многу ниско ниво на хигиена, а затворениците страдаат и од други болести. Сепак, пандемијата во државните затвори се смета за споредно прашање во целокупната борба, а нивното затворање се отфрла како можност.
Во федералните затвори бројката на затвореници е 152.000, а на вработени 36.000. Администрацијата пријавила дека коронавирусот е присутен во повеќе од половина од вкупно 122 затвори со кои управува. Спроведени биле околу 3.000 теста, на кои 1.842 затвореници и 343 вработени биле позитивни, а 36 затвореници починале. Неодамна три лица починаа во затвор во близината на Лос Анџелес, во кој 60 отсто, или околу илјада затвореници, се позитивни на коронавирусот. Во некои држави во Охајо се вршат забрзани тестирања, но во преостанатите држави не е така.
Показател за обемот на пандемијата во затворскиот систем е резултатот од тестирањата што биле спроведени во затворот „Троусдејл Тарнер“ во Тенеси.
Тестирани се сите 2.725 затвореници и вработени, од кои 1.299 затвореници и 50 вработени биле позитивни на вирусот. Речиси сите биле асимптоматски.
Организациите за човекови права велат дека треба да се поддржи ослободувањето од затворска казна на оние затвореници што се близу до нејзиното отслужување, како и на оние што се осудени за ненасилни дела. Оттаму додаваат дека во таа насока досега е малку направено. Од вкупно 10.000 затвореници во Канзас, само шестмина се ослободени од почетокот на пандемијата.