Автор: Ишан Тарор
Вашингтон пост
Претставници на администрацијата на Доналд Трамп оваа недела, вклучувајќи ја и вчерашната изјава на претседателот, отфрлија секаква поврзаност со очигледно неуспешната воена операција спроведена минатиот викенд во Венецуела, која вклучуваше група на вооружени дезертери и најмалку двајца американски платеници кои сега се во венецуелски затвор.
Претседателот Николас Мадуро во понеделникот изјави дека неговата влада го спречила „терористичкиот“ напад на државата, убила осуммина, а заробила над десетина заговорници во изминатите два дена. Мадуро порача дека тие сакале да предизвикаат бунт и веројатно да го убијат. Илјадници венецуелски резервисти беа распоредени по бреговите на државата за да покажат сила.
Со години, секогаш подготвениот за војна демагог предупредуваше за странски заговори против неговото владеење, сигнализирајќи за предавнички државен удар и империјалистички инвазии. Ваквиот аларм честопати служеше како параван за неуспесите на неговата влада и распадот на економијата под негово раководство. Но овој пат Мадуро можеби е во право, како што може да се забележи од видеоснимката на венецуелските власти што кружеше на социјалните медиуми, на која се гледаат многу уапсени бунтовници, меѓу кои и двајца поранешни американски специјалци.
Клучната фигура зад заговорот е Џордан Гудро, поранешен американски припадник на „Зелените беретки“, кој управува со „Силверкорп Ју-ес-еј“, приватната безбедносна фирма од Флорида. Од Флорида, Гудро го најави судирот заедно со поранешниот венецуелски офицер од националната гарда преку видеоснимка во неделата и им порача на новинарите дека тековната операција имала поддршка од венецуелската опозиција, меѓу која и од опозицискиот лидер Хуан Гваидо (Кабинетот на Гваидо негираше секаков контакт со Гудро или потпишување на договор со него, но неколку лица запознаени со состојбата тврдат дека лани имало директни контакти меѓу него и Гудро, како и други опозициски членови).
– Главната мисија беше да се ослободи Венецуела, да се зароби Мадуро, но таа не успеа во Каракас. Втората мисија беше да се формираат востанички кампови против него. Бунтовниците се во камповите, се регрутираат, а ние ќе почнеме да напаѓаме тактички цели – изјави Гудро за „Блумберг њуз“.
Можеби се работи за измислица. Во интервјуто од понеделникот за „Вашингтон пост“, Гудро порача дека двајцата заробени Американци, идентификувани како Еран Бери и Лук Денман, пловеле со чамец во близина на карипскиот брег на Венецуела доцна во неделата, со надеж за извлекување, пред да бидат фатени од страна на силите на Мадуро. Тој сака американските претставници „да се вклучат и да ги извлечат, затоа што се Американци и припадници на ’Зелените беретки’“, како што Гудро изјави за „Вашингтон пост“.
– Тие си мислеа дека можат да го глумат Рамбо и да бидат херои – порача Мадуро за кого САД имаат потерница вредна 15 милиони долари.
Извештаи за операцијата на Гудро даваат бизарна слика. Првичните состаноци за плановите пред една година во Колумбија вклучуваа нешто што едно лице за „Асошиејтед прес“ го оцени како „Самит на идиоти против Мадуро во стилот на ’Војна на ѕвездите’“, заедно со „воените дезертери обвинети за трговија со дрога, сомнителни финансиери“ и поранешни режимски претставници. „Асошиејтед прес“ го откри првичниот контакт на Гудро и водачот познат како Кливер Алкала, пензиониран венецуелски генерал кој е во американски затвор поради обвинение за трговија со наркотици.
Набљудувачите не беа импресионирани од малкуте тајни кампови за обуки, кои се појавија во Колумбија. Ефраим Матос, поранешен американски припадник на морнаричката единица „Фоки“, кој обучи неколку од идните борци за прва помош, порача за „Асошиејтед прес“ дека „Мадуро не се соборува само со 300 гладни и необучени војници“.
Бројот на борци вклучени во неуспешната инвазија изгледа дека е значително помал и далеку понереална закана по власта на Мадуро отколку задушеното востание од пред една година, во кое директно беше вмешан Гваидо. Сегашниот настан делува како ликовите од немиот филм „Цајканите од Кистоун“ да ги испратиле во операција во Заливот на свињите, како што на Твитер порача Брет Мекгурк, поранешен дипломат во владите на Трамп и на Обама. Всушност, се работи за неуспешната инвазија на Куба од 1961 година, од страна на кубански прогоненици тајно поддржани од САД. Сеќавањето за неа беше јасно искористено од страна на поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој лани се обрати пред Здружението на ветерани од Заливот на свињите во Флорида и го поздрави „залезот на социјализмот“ на таа хемисфера.
– Има една трагедија со елементи на фарса делумно, затоа што толку многу луѓе со кои Трамп се опкружи или барем ги спроведуваат неговите политики, се војници од Студената војна, кои повторуваат истрошени сценарија – изјави за „Американ конзерватив“ академикот Алехандро Веласко од универзитетот во Њујорк.
Заливот на свињите исто така претставува тенденциозна метафора за американското надворешно мешање. Од таа причина, аналитичарите се сомневаат дека администрацијата на Трамп играла сериозна улога во поттикнувањето на бесмислена инвазија минатиот викенд.
– Не постои ниту еден човек во Стејт департментот или ЦИА кој би се залагал да се повтори операцијата од Заливот на свињите – за „Вашингтон пост“ изјави Ерик Фарнсворт, потпретседател на Советот на Северна и Јужна Америка и поранешен американски дипломат.
Инцидентот открива дел од проблемите кои ја мачат венецуелската опозиција. Иако Гваидо сега е позната политичка личност признаена од САД и десетици други држави како легитимен лидер на Венецуела, сепак тој управува со децентрализиран хаос на фракции внатре и надвор од државата. Опозицијата смета дека е „тешко да се задржи дисциплина во комуникацијата и е особено лесно за режимот да се инфилтрира“, како што смета Фарнсворт. Во овој случај, претставници на режимот се фалеа дека однапред знаеле за заговорот.
За Мадуро инцидентот е добредојдено одвраќање на вниманието. Уривањето на цените на нафтата и пандемијата на коронавирусот го ставија под уште поголем притисок со тоа што организациите за помош и опозиционерите предупредуваа за ризикот по веќе ослабениот здравствен систем во државата, кој може да се распадне поради новите предизвици.
Превод: Билјана Здравковска