Со тоа што излегол од дома само со повик на 192 и се тестирал неколку пати, градоначалникот на Куманово, Максим Димитревски, неколкукратно го прекршил алгоритмот и протоколите по кои се работи за заштита од коронавирусот. Директорката на Државниот санитарен и здравствен (ДСЗИ) инспекторат Иринка Сотирова – Бухова детално објасни кои се прекршувањата што ги направил градоначалникот констатирани по вонредните надзори во сите засегнати институции во Куманово.
– Лице кое е ставено со решение од ДСЗИ позитивно за ковид-19 за лекување и изолација може да го напушти местото каде е изолирано со најава на 192 меѓутоа преку координација со матичен доктор, епидемиолог или специјалист инфектолог во најблиска болница, во овој случај општа болница Куманово. Никакво јавување на 192 не овозможува по даденото решение, вон од овој протокол. Согласно решение од ДСЗИ тестирањето на лица во домашна изолација се изведува исклучиво по четиринаесеттиот ден и тоа во временска разлика од 24 – 48 часа, во лабораторијата на Институтот за јавно здравје во Скопје – рече директорката Сотирова-Бухова.
Таа потенцираше дека во периодот од 30 март до 29 април ДСЗИ има издадено 3.324 решенија за домашна самоизолација, 994 решенија на лица позитивни кои се на домашно лекување и во домашна самоизолација.
– Што би се случило кога сите 994 лица, позитивни, со лесна клиничка слика или асимптоматски, а се со решение излоирани дома, излезат? На која опасност би биде сите кога самоиницијативно 994 лица би излегле и би тргнале по патека вон алгоритмот и протоколот? Зошто некој би бил привилегиран да може да го крши алгоритамот, да го крши протоколот, да се тестира два три четири, па дури слушаме од медиумите и шест пати, а некој да го почитува протоколот да седи до домашна самоизолација 14 дена, да ги почитува сите правила кои во оваа држава ги наметнива и ги кажува Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство, Главниот кризен штаб на Владата – рече директорката Сотирова-Бухова.
Таа извести дека за случајот на градоначалникот направиле детален увид во Центарот за јавно здравје Куманово, во Здравствениот дом, во Итната помош и во болницата во Куманово, а записниците ги имаат менаџерите на установите. За сите констатирани недостатоци ќе следуваат прекршочни казни, а за одредени недостатоци е инициран стручен надзор во Лекарската комора.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) не прави надзори во простории на Општини и нема законска обврска ниту законска можност да доставува записници таму каде што не инспекторира, рече денес директорката на ДСЗИ Иринка Сотирова – Бухова по многубројните реакции во јавноста за прекршената самоизолација на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
По прекршувањата, кривичната пријава против кумановскиот градоначалник вчера пристигнала во Основното јавно обвинителство Куманово. Пријавата ја потврди и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев. Поднесена е поради непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Димитриевски на социјалните мрежи напиша дека кривичната пријава е класична злоупотреба на инструментите на власта и праша дали на повидок е нов режим.