Работиме заедно на проекти за јакнење на економијата и за откочување и забрзување на економскиот раст, порача премиерот Зоран Заев на денешната средба во Скопје со висока делегација на Европската банка за обнова и развој(ЕБОР).
Делегацијата на ЕБОР е предводена од потпретседателот, Ален Пију, Шарлот Рухе, директорка на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Жужана Харгитаи, регионална директорка за Западен Балкан и Анка Јоана Јоанеску, директорка за Македонија и Косово.
Претседателот на Владата на средбата беше придружуван од министерот за финансии, Драган Тевдовски, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и советникот за економија и финансии, Фатмир Бесими.
На средбата со високите претставници на ЕБОР се зборуваше за отворените можности и полиња на кои може да се интензивира соработката во иднина.
Беше оценето дека постојат огромни потенцијали на соработка во областа на енергетиката, производството на електрична енергија од обновливи извори и процесот на гасификацијата, за развој, изградба и рехабилитација на патната и железничка инфраструктурата, за локален економски развој, но и за поддршка на приватниот сектор, на нови инвестиции и за зајакнување на економијата.
Се зборуваше и за можностите со кои ЕБОР може да помогне во процесот за надминување на финансиските проблеми на општините, за нивна финансиска стабилизација и подобрување на менаџментот со јавните финансии на локално ниво со цел подобро и поквалитетно опслужување на граѓаните и бизнисот.
На состанокот се разгледаа и можностите за забрзување на реализацијата на одредени проекти и начините на кои преку заедничка соработка може да се откочи економскиот раст на земјата и да се зајакне економијата.
Потпретседателот на ЕБОР рече дека Европската банка за обнова и развој е подготвена да го интензивира својот ангажман во процеси и проекти коишто ќе значат откочување и забрзување на инвестициите и на економскиот раст на земјата, а посебно ја нагласи поддршката на приватниот сектор и домашните компании.