Северноаталантскиот совет денеска донел едногласна политичка одлука да ја стави точката за покана на Македонија во НАТО на самитот на Алијансата на 11 и 12 јули во Брисел, објави денеска од собраниската говорница премиерот Зоран Заев.
Со тоа, рече Заев се остваруваат вековните аспирации на сите генерации пред нас и на сите граѓани на Македонија.
Претходно, и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека е можно да биде испратена покана за членство на Македонија во Алијансата на самитот што на 11 и 12 јули ќе се одржи во Брисел, откако Скопје и Атина постигнаа договор за спорот за името.
– Се надевам дека ќе има напредок со поранешната југословенска Република Македонија бидејќи тие постигнаа договор со Грција за проблемот со името. Ако тој договор биде финализиран и целосно применет новото име ќе биде Република Северна Македонија и тогаш можеме да тргнеме кон членство на поранешната југословенска Република Македонија во НАТО. Искрено се надевам дека тоа ќе можеме да го направиме – изјави Столтенберг во интервју за француската телевизија „Франс 24“.