Судењето за случајот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) продолжува на 25 јуни, откако на денешното рочиште беа сослушани тројца сведоци, кои на 12 април 2012 година рибареле на Смилковско езеро.
Сведоците на денешното рочиште останаа на своите искази дадени претходно пред истражен судија. Тие потврдија дека на критичниот ден биле на Смилковското езеро, каде често оделе да рибарат, и објаснија пред судот што виделе и чуле.
Еден од сведоците повтори дека на 12 април 2012 со тројца пријатели бил на Смилковско Езеро на рибарење, каде попладнето околу 5.30 и 6 часот дошле тројца четворица млади луѓе со бело возило, кои им побарале леб за рибите и по кратко заминале. Подоцна, кога сакале да си заминат, ги пресретнало едно лице со пушка, кое им се заканило дека ќе ги убие и ги избркало назад. Од езерото си заминале по темница, а за петкратното убиство дознале дома на телевизија. Следниот ден биле приведени во полиција за случајот.
Сведоците одговараа на прашања од судечкиот совет, од СЈО и од адвокатите на одбраната. На првиот од сведоците, по едночасовно испрашување, му се слоши во судницата, по што рочиштето беше прекинато еден час.
Претседателот на Судечкиот совет Огнен Ставрев, кажа дека на следното рочиште се продолжува со доказна постапка.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.