Рускиот велемајстор (ВМ) Сергеј Карјакин успеа да го стигне водечкиот на шаховскиот Турнир на кандидатите за светски првак во Берлин, Американецот Фабијано Кaруана, откако во 12-то коло во директен дуел како „бел“ му го нанесе првиот пораз. На две кола до крајот, двајцата имаат по 7 поени. Карјакин слабо го почна турнирот и беше на дното по поразите во 1-то и 4-то коло, но победите во 7-то коло (над Со), 9-то (Крамник), 11-то (Аронијан) и 12-то го вратија во игра последниот предизвикувач на светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен. Во прилог му одеше и првиот пораз на Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров од членот на ШК Алкалоид, кинескиот ВМ Лирен Динг, кому ова, пак, му беше прва победа по 11 ремија во низа и засега е единствен без пораз на турнирот.
Русинот Александар Гришчук со бели фигури се надеваше на цел поен против Ерменецот Левон Аронијан, но, сепак, на крајот се покажа како недоволно за победа иако Аронијан имаше проблеми во настојувањето да ремизира. Депримираниот Русин и поранешен светски првак Владимир Крамник со бели фигури имаше голема предност против Американецот Весли Со, но наместо во 32-от потег да одигра со пионот на полето ф4, тој го стори тоа со коњот на полето е6, што беше грешка, по која Со успеа да одржи еднаква игра.
Двојки 13-то (претпоследно) коло: Динг – Крамник, Со – Карјакин, Каруана – Аронијан, Мамеѓаров – Гришчук.
ТАБЕЛА: Карјакин (2.763 рејтин-поени) 7, Каруана (2.784) 7, Мамеѓаров (2.809) 6,5, Динг (2.767) 6,5, Гришчук (2.794) 6,5, Крамник (2.800) 5,5, Со (2.799) 5, Аронијан (2.769) 4 поени.