Појавата на коронавирусот во Македонија овој пат се совпаѓа и со хронично чувствителниот период пред избори. Сепак сите политички чинители во голема мера се уверени дека појавата на коронавирусот не може да го загрози одржувањето на изборите
Меѓу другото, појавата на коронавирусот во Македонија овој пат се совпаѓа и со хронично чувствителниот период пред избори. Иако официјалната предизборна кампања сѐ уште не е започната, партиите веќе одржуваат интензивни активности поврзани со изборите, во кои има и средби со граѓани, па и помасовни собирања (маршови, протести), што претпоставува поголема концентрација на луѓе на мал простор (дури и да е отворен). Претставниците на сите партии, кои имаат намера да учествуваат во изборниот процес, имаат речиси идентичен став дека се внимателни и ги приспособуваат активностите во согласност со препораките на Министерството за здравство и на СЗО, но сметаат дека нема потреба од некакви вонредни мерки и ширење паника.
Препорачуваат граѓаните да се однесуваат вообичаено и да не подлегнуваат на паниката, а практикувањето на предвидените политички активности во контекст на изборите го сметаат како придонес за нормалниот тек на настаните во општеството. Сите политички чинители во голема мера се уверени дека појавата на коронавирусот не може да го загрози одржувањето на изборите.
И покрај тоа, во голема мера идентичниот став во однос на справувањето со општествените состојби од коронавирусот, партиите сепак не пропуштаат можност да си упатат политички „искрички“ на таа тема. Имено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали со оглед на новонастанатата ситуација со вирусот ковид-19 ќе излегуваат на протести, обвини дека власта е среќна што има коронавирус за да не може опозицијата да излезе на улица.