Адвокатот Јовица Страшевски, кој го застапува ексградоначалникот Тони Трајковски во случајот „ТНТ“ за незаконското рушење на објектот „Космос“, смета дека оставката од поротничката Лилјана Ивановска-Кочкоска значи дека надвладеале правдата и разумот. Тој го поздрави гестот на поротничката.
– И вие, новинарите, ги видовте сите сценарија кои судот сакаше да ги наметне, дека се прави притисок врз поротничката, дека има закани, дека има сè. Го поздравувам гестот на поротничката која поднесе оставка поради размислувањето дека ѝ е истечен мандатот, со тоа победи правдата во Македонија – порача Страшевски.
Тој смета дека е подобро да се изведат повторно сите докази, да се ислушаат сите сведоци, бидејќи тој не знаел ништо од нив.
– Има два начина, да се изведат повторно доказите и да се читаат. Според мене, подобро е повторно да се изведат, но ако сите се согласат за поинаку, и јас би се согласил. Само два часа правев увид во постапката и не знам ништо од доказите. Постапката нема да се забави. Нема да правам опструкции во постапката, затоа што во интерес ни е да ги докажеме правдата и вистината – порача Страшевски.