Традиционалните Мариовско-мегленски културни средби ќе се одржат во недела на 3.јуни, во манастирот „Свети Илија“ во Витолиште. Програмата започнува во 9 часот, со посета на спомен костурницата во Витолиште, додека официјалното отворање е во 10 часот, кога на присутните ќе им се обратат претседателот на здружението што ги негува Мариовско-мегленските културни средби, Стојан Ѓуроски и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

-Ќе настапат актери од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, ќе се читаат наградените поетски творби од минатонеделниот избор што во рамките на средбите се одржа во градската библиотека, а се подготвува и богата културно-уметничка програма во која ќе настапат КУД „Гоце Делчев“ и „Етно Илинден“ од Битола, КУД „Стив Наумов“ од село Логоварди, играорната група „Пенка Котеска“ при прилепското Здружение на пензионери, КУД „Моминок“ од Прилеп, а ексклузивен настап ќе има гајдаџијата и кавалџија Стевче Стојкоски, изјави Ѓуроски на денешната прес конференција.

Здружението „Мариовско-мегленски средби“ е формирано 1984 година и на почетокот во него членувале интелектуалци од двата региона, Мариовскиот и Мегленскиот. Како и секогаш, така и оваа година испратена е покана за учество на жителите од Мегленскиот регион. Според Ѓуроски, актуелните состојби и односи меѓу двете држави, Македонија и Грција, се главната причина што Мегленци не можат да доаѓаат слободно на средбите. Со решавање на постојните проблеми, од здружението се надеваат дека во иднина ќе доаѓаат поголем број граѓани од Мегленско и дека ќе земат учество во програмата на следните Мариовско-мегленски културни средби.

Покрај Министерството за култура на Република Македонија, најголемата финансиска поддршка на 34.Мариовско-мегленски средби ја даде Општина Прилеп.

Ка.М.