Пратеничката и потпретседателка на Собранието од СДСМ, Фросина Ременски пристигна во Обвинителството за организиран криминал и корупција за да направи увид во доказите за случајот поврзан со „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски каде таа е почесен претседател.
Ременски влезе на задниот влез во Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Таа е осомничена дека помагала во извршувањето на делата „Измама“ и „Перење пари“ за кои се осомничени пет физички лица, и тоа, заменик-претседателката на Меѓународниот Сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска како и самиот Бојан Јовановски.
Според истрагата, во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво.
Пратеничката Ременски е осомничена дека помагала во извршувањето на делата. Истрагата која ја води Русковска покажала дека Ременски како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувала на средбите организирани од Јовановски, при што го искористила својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.
Пред три месеци Ременски за прв пат беше повикана од Русковска да даде изјава во Обвинителството, а пред новинарите рече дека не присуствувала на средби со бизнисмени. Таа тогаш одби да одговори на новинарските прашања поврзани со „Меѓународниот сојуз“, објаснувајќи дека функцијата која ја имаше во организацијата на Јовановски, не значи дека формално одлучувала во организацијата.
Ременски остана и без пасош, а има и забрана да го напушти Скопје како мерка на претпазливост. Обвинителството одзеде два телефони, но и компјутери и други предмети при претрес во нејзиниот дом.