Промоција на книгата „Ќе се завијам во песни“ од Снежана Стојчевска ќе се одржи утре (вторник) во Салон 19.19 со почеток во 19:19 часот. Книгата е во чест на Мирче Стојчевски и во неа можат да се најдат и неколку песни од Стојчевски.
Промотори ќе бидат Мишел Павловски и Владимир Мартиновски, стиховите ќе ги читаат Славица П. Диневска и Владимир Мартиновски.
Специјален гостин ќе биде сопран Серафина Фантаузо, која ќе ја изведе нумерата „O mio bambino Caro“од Џакомо Пучини.
– Поетската збирка на Снежана Стојчевска „Ќе се завијам во песни“ на очиглед го поставува автобиографското. Таа го варира мотивот на загубата на таткото, еден од најчестите во светската книжевност. Она што е специфично за оваа збирка, лајтмотивот на светската поезија – загубата на ближниот – го вткајува во вековната македонска традиција манифестирана во обичајот оној што тагува да се завие во црно. Стојчевска овој адет го инверзира. Наместо да ја одбере пасивноста, црнилото и изолираноста, таа го одбира креативното одболување, активноста наспроти помирливоста, поезијата наспроти молкот. На тој начин не само што добиваме Песни со голема почетна буква туку добиваме и своевиден споменик на човекот по кого се тагува. Тој е тука, во нејзините песни, во нејзиниот исказ, во книгата. Уште повеќе, Таткото во книгата е најконкретно присутен – преку факсимилите на неколку негови песни се прави креативен спој меѓу двете поезии, така што Татковите песни можат да се исчитаат како интертекстуална предлошка на песните на Ќерката – објаснува рецензентот Мишел Павловски.
Снежана Стојчевска (1980) дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 година ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на „Или-Или“ како дел од едицијата „Русалки“, во која се јавува како уредник. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, која ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга „Модри фантазии“ во издание на издавачката куќа „Темплум“. Нејзината четврта книга, „Треба да е лесно“, излезе во мај 2017 година во издание на издавачката куќа „Антолог“.
Во 2016 настапува на Меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде е објавенаво антологија на словенечки јазик во „Фестивална антологија на изворна и преведена европска поезија на 21-от век“. Застапена е во повеќе антологии на младата македонска поезија. Таа е редовен учесник на поетски манифестации во земјава и во странство. Од почетокот на 2018 година е ангажирана како извршен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ и како соработник за книжевност на урбаниот сајт Номадс.мк. Од 2019 година Стојчевска е член на Друштвото на писатели на Македонија.