Багерот во речното корито на Вардар сигурно не копа темели за изградба на некој нов изум што ќе се гради во реката. Многумина би рекле и не треба, бидејќи и онака поради сето тоа претходно остана со многу малку вода, која не е доволна ни за верниците на Водици да скокнат во Вардар. Но затоа многупати досега во Вардар имало повеќе ѓубре отколку вода, па оттаму прашање е што би можел сѐ да извади багеристот од речното корито. Речиси по правило, под влијание на високите температури, налето и овој сушен период од годината, опаѓа нивото на водата, а токму тогаш испливува на површина сето ѓубре што било фрлено во речното корито.
Многупати декор биле огромни количества пластични шишиња на брегот близу мостот, каде што требаше да се изгради панорамското тркало или, пак, кај галијата близу хотелот „Холидеј ин“. Глетката е грда и најстрашна кај Камени мост, преку кој секојдневно поминуваат огромна бројка туристи од сите страни на светот. Многу од нив сакаат и да прошетаат покрај кејот на Вардар и навистина имаат што да видат.
Од глетката честопати се згрозени и самите скопјани што шетаат по кејот. Но, наместо прошетка покрај уреден кеј, велат дека имаат чувство како да шетаат покрај некаква депонија. Додаваат дека не им е јасно зошто градските власти и комуналците не го исчистат ѓубрето токму сега кога водостојот е сосема низок и многу лесно може да се извади од коритото на Вардар. Инертен е односот на надлежните и ваква слика не смеат да си дозволат, коментираат некои скопјани. Но можеби багерот е одговор на нивните желби да се извади сѐ што е фрлено во Вардар. Ако багеристот денеска исчисти, тогаш нека остане чисто и потоа, зашто не се виновни само надлежните.