Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше приведена вчера попладне од својот дом во скопската населба Козле, од каде што со полициска придружба беше однесена во просториите на СЈО каде што беше извршен претрес и од каде што ѝ бил одземен службениот компјутер. Но драматичната медиумска потера по Јанева не продолжи кон Кривичниот суд, како што се очекуваше, туку кон нејзината куќа каде што преку гаражата на СЈО повторно беше однесена со полициска придружба. Се очекуваше Јанева во предвечерните часови да биде пренесена и во Кривичниот суд, каде што ќе се одлучува по барањето на Јавното обвинителство за нејзин притвор.
Паралелно со претресите во куќата во Козле и во СЈО, беше извршен претрес и во домот на специјалната јавна обвинителка во Гевгелија.
Во меѓувреме, прес-конференција одржа јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој соопшти дека е побаран притвор за обвинителката Катица Јанева, под сомнение дека ги злоупотребила службената положба и овластувања.
На пресот присуствуваше и обвинителката Вилма Рускоска, која појасни дека засега истрагата не е проширена против други луѓе и дека ова обвинителство нема издадено налози за претрес во домовите на двајца политичари, за што претходно јавија некои медиуми.
Јовески, одговарајќи на новинарско прашање, појасни дека ако на Јанева ѝ биде одреден притвор, тогаш Советот на јавни обвинители треба да констатира дека специјалната обвинителка е спречена да ја извршува функцијата и да именува в.д. од редот на обвинителите од СЈО.
– Јавниот обвинител побара мерка притвор за специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, но треба да видиме што ќе се случи понатаму. Засега немам коментар бидејќи не знам како ќе се развиваат настаните – одговори кратко адвокатот Еленко Миланов.
Попладнево по приведувањето на Јанева реагираше и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде што побараа целосно расчистуваaње на случајот.
– Нејзиното приведување требаше да се случи уште првиот ден. Таа е само една алка од синџирот. Скандалозна е изјавата на јавниот обвинител дека од 8 милиони евра, таа зела само мал дел. Таа изјава ги потценува граѓаните. Да се расчисти случајот и да се расветлат улогата и одговорноста на сите инволвирани… Катица Јанева ѝ нанесе срам на целата правда и ги изневери сите што веруваа во правна држава, како и меѓународните фактори – изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Приведувањето на Јанева следуваше откако завчера таа се појави на распит во Одделението за гонење на криминал и висока корупција во Апелацискиот суд, каде што повеќе од четири часа даваше исказ пред обвинителката што го води случајот „Рекет“ Вилма Рускоска.
– Ова е истрага и во истрага не се споделуваат информации – изјави кратко Јанева, одговарајќи на новинарски прашања, притоа додавајќи дека не знае дали истрагата ќе се прошири и врз неа.
Обвинителката уште додаде и дека не знае каде е Орце Камчев, ниту, пак, дали во случајот „Рекет“ има инволвирано некој политичар. Јанева не сакаше да каже ниту дали гласот на „бомбите“ за случајот „Рекет“ е нејзин, но додаде дека не се чувствува виновна во врска со овој случај.
Тортевски: Јанева немаше капацитет за таа позиција
Адвокатот Александар Тортевски меѓу првите реагираше на Твитер по приведувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
– И јас и речиси целиот тим на СЈО од почетокot знаевме дека жената нема капацитет за таа позиција. Заради големата слика и мисијата што ја имаше, премолчуваме. Но дека ќе завлезе во таков криминал, не сум помислувал ниту во најлошиот сон. Му ја уништи надежта на цел народ за пари. Срам! – напиша Тортевски на Твитер.