Постои една скопска легенда, која вели дека во многу стари времиња, еден трговец го посетил Скопје и дошол во конфликт со домашните трговци. Избила голема кавга, и тој бил протеран од градот. За возврат, трговецот ги проколнал, упатувајќи им ваква клетва: „Никогаш трговијата во Скопје да не процути, а мештаните да немаат аир од трговските зделки!“ Се разбира, градот на Вардар бил и останал трговски град, но она што подоцна се случувало во трговијата, како да ја потврдувало оваа клетва. Народот започнал да верува дека имало некоја прокоба, бидејќи богатството на скопските трговци многу кратко траело. Се разбира, имало и исклучоци, но верувањето во таквата прокоба останало.
Еден истражувач од периодот меѓу двете војни, анализирал многу вакви конкретни случаи, и заклучил дека оваа прокоба се остварувала и била присутна во повеќето судбини на познатите трговци индустријалци. Дали сето тоа било само случајност, народно верување, или навистина се остварило претскажувањето од легендата за протераниот трговец? Истражувачот наведува повеќе примери, кои фрапираат со податоците дека скопските трговци многу брзо пропаѓале, односно дека нивното богатство траело многу кратко. „Во Скопје се верува“ вели тој „дека од трговијата во градот полза имаат само странците, но не и трговците мештани“. Уште поинтересно од ова е верувањето дека во Скопје, богатството не држи. Што всушност значела оваа констатација дека богатството не држи? Едноставно, богатство не можело да се додржи ниту до првата генерација наследници во семејството, а да не зборуваме за втората или третата генерација.
Ќе наведеме и некои од тие конкретни, фрапантни примери за кои зборувавме. Скопскиот трговски првенец хаџи Трајко (по таткото носел презиме хаџи Дојчин, а потекнувал од скопска Патишка Река), имал големо богатство, бил познат донатор и хуманист и еден од највештите луѓе во областа на трговијата. Тој не само што го подарил плацот во Пајко Маало за да се изгради црквата „Св. Богородица“ туку бил и еден вид нејзин ктитор. Сопругата на хаџи Трајко носела чевли од злато и дијаманти. Сѐ кај нив блескало од раскош. Но како во некоја романескна или филмска сторија, сето тоа наеднаш се урнало. Со смртта на хаџи Трајко, кон средината на 19 век, и имотот и богатството исчезнале. За да биде драмата поголема, очевидците од тоа време зборувале дека жената на хаџи Трајко била доведена во ситуација да пита, и тоа пред вратите на црквата што ја изградил нејзиниот сопруг! Овој познат скопски трговец и чорбаџија имал двајца синови: хаџи Никола-Никче и хаџи Коста-Кочо. Се обиделе да тргуваат со Сараево, со Киев и со Одеса, но тогашните жестоки политичко-црковни борби во Скопје ги попречиле во тоа, и тие пропаднале. Практично, богатството не било пренесено ниту на првата генерација.
Но тоа не е единствениот случај. Се спомнува сличен пример со трговецот Крсто Ипекџија (ипекџиството е производство и тргување со свила), чија жена имала исто така трагична судбина. Иако сопругот и семејството биле богати, а таа некогаш носела налани оковани со злато, доживеала да умре во најголема беда, како слугинка во туѓа куќа. Во тој контекст се споменуваат и трговците, Зафир Малев, хаџи Коста Стевчевиќ и др. Се разбира, тоа не значи дека трговијата во Скопје била неуспешна, и дека секој трговец завршувал на тој начин. Напротив, примерите што ги наведовме, сепак, не биле редок случај. Подоцна, на почетокот на 20 век и во периодот меѓу двете војни, трговијата земала замав со индустриските производи, се отвораат голем број индустриски капацитети. Мелници и фабрики, во подем се пивската, текстилната, кожарската, прехранбената, металургиската, тутунската, градежната индустрија, потоа производството за лекови и чоколади, дрвната и хемиската индустрија, а се развивало и банкарството. Не случајно во Скопје била отворена и Трговска академија во 1925 година.
Во пиварската индустрија се познати Чесите Виктор Цајс и Карло Хусник, во текстилната Димитар Атанасов, потоа ортаците Агоп Дикиџијан, Богос Аркаганијан и Хамид Махмуд, во кожарската индустрија Димче Вучидолец, Шкаперда, во трговијата со градежни материјали, во металургиската дејност Андон Ручигај и Милан Шобота, браќата Поповиќ, во трговијата со автомобили и бензин, како и во автобускиот сообраќај, Шабан-паша браќата во мелничката индустрија, браќата Папатеодоси и браќата Галиќ, во трговијата со железарија, браќата Крајничанец во графиката индустрија, фабрика за алкалоиди ја формирале Филип и Софроние Огњанови, познати се и семејствата Настеви, Икономови, Ароести, Калајџиеви и др. Но сомнежот за „богатството што не држи“, повторно е присутен, потсетувајќи нѐ на легендата од почетокот на текстов. Покрај големиот број успеси, сепак, присутни биле и банкротствата при што богатството не можело да се пренесе кај потомците. Таков е примерот со еден од најпознатите трговци, Петар Атанасов-Чучукпетров, кој лошо завршил поради неисплатените долгови кон доверителите. Еден од постарите скопјани, кој има повеќе од деведесет години, ми раскажуваше деновиве (2019), дека пред војната, на специјално место на плоштадот, кај кафеаната „Маргер“ биле лицитирани куќите, кои претходно биле ставени под хипотека. Сепак, не е во прашање само легендата, туку најчесто историјата и историските услови. Скопје како крстосница доживувало многу освојувања, промени на власта и општествени системи, подразбирајќи ги тука конфискацијата и национализацијата по војната. Богатството честопати не можело да се пренесе ниту на првата генерација.