СВЕТОТ Е СЦЕНА

Во почетокот на јули Египет побара од Интерпол да го пронајде портретот на Тутанкамон стар 3.000 години, продаден во Лондон за околу 5,3 милиони евра, и покрај противењето на Каиро. Ова се случи кога почна реставрацијата на позлатениот Тутанкамонов саркофаг што се реализира првпат откако е откриен во 1922 година. Египет во неделата го изложи саркофагот, а работите почнаа кон средината на јули кога саркофагот беше преместен од гробницата во Долината на кралевите на југот на Египет во Големиот египетски музеј во Каиро.

– Ви покажуваме единствен историски предмет, не само за Египет туку и за светот – изјави министерот за старини, Калед ал Енани на конференцијата за новинари во Големиот египетски музеј во близината на пирамидите во Гиза.

Саркофагот на младиот фараон ќе биде изложен со други предмети поврзани со Тутанкамон кон крајот на 2020 г. кога ќе се отвори новиот музеј. Реставрацијата ќе трае осум месеци. Дрвениот саркофаг однадвор е позлатен и украсен со портрет на младиот крал, кој носи фараонски симболи, жезло и бич. Тутанкамон бил најславниот фараон во историјата, благодарение на британскиот археолог Хауард Картер, кој во 1922 г. во Долината на кралевите ја открил неговата недопрена гробница.