Кошаркарите на МЗТ Скопје се на чекор до освојување на седмата првенствена титула, откако на гостински терен, во СЦ „Борис Трајковски“ вторпат во плејофот годинава го совладаа градскиот ривал Работнички, овој пат со 69-60. Така, МЗТ Скопје поведе со 2-0 во победи во финалната плејоф-серија што се игра до три победи.
На „металците“ сега им е потребна уште една победа за да го кренат новиот шампионски пехар. Втората победа беше резултат на одличната серија од 12-0 во последната четвртина, со што негативата од шест поени на полувремето (32-38), беше претворена во позитива (54-62). Дамјан Стојановски со 16 поени беше најефикасен во победничкиот состав, а кај Работнички Чавдар Костов впиша 19.
Домаќин на следниот меч е МЗТ Скопје (денеска, од 20.15 часот, во СЦ „Јане Сандански“). Кошаркарите на Работнички и на МЗТ Скопје деветти пат играат меѓу себе во финалето на плејофот.