Македонското биолошко друштво и Иститутот за комуникациски студии во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ денеска во Градки парк одржаа научно-едукативен настан за значењето на урбаниот биодиверзитет.
На настанот беа изложени примероци од флората и фауната од повеќе градови од Македонија, а најмладите беа запознаени со нив преку учество на интерактивни активности и игри, за што добија и сертификати.
– Урбаниот биодиверзитет е диверзитет на кој му се придава мошне мало внимание, а е исклучително значаен за функционирањето на целиот урбан еко-систем. Како дел од кампањата, ја спроведуваме оваа работилница со цел да ја побудиме свесноста на граѓаните, особено на помладите, да научиме кое е значењето на урбаниот биодиверзитет и да видиме дека не сме само ние жители на градовите, да бидеме свесни за нивното постоење, одблизу да видиме кои ‘рбетници и безрбетници го населуваат градот и да научиме да живееме во хармонија со природата. Да ги сфатиме претставниците на биодиверзитетот како рамноправни членови на градската средина – изјави Александра Цретковска Ѓоргиевска од Институтот за биологија при Природноматематичкиот факултет.
Таа вели дека многу фактори се пресудни и ја загрозуваат состојбата со урбаниот биодиверзитет, како на ‘рбетната така и на безрбетната фауна. Најмногу влијае интензивната урбанизација во градовите, како и поделбата на просторот, бидејќи животните не препознаваат граници. Со изградбата на урбаните објекти и асфалтните патишта човекот го ограничува животниот простор и ја стеснува површината по која животните се движат.