„Нова Македонија“ на граѓаните од исламска вероисповед им го честита празникот Рамазан-бајрам
Улогата на Исламската верска заедница во земјава има големо значење во развивањето на меѓуверскиот дијалог и соживот за Република Македонија, за нејзиното афирмирање како држава богата со различни културни вредности
Верниците од муслиманска вероисповед во земјава, во вторник, на 4 јуни годинава, го слават Рамазан-бајрам. Ова е само еден од неколкуте дена во годината, кои ги поврзуваат граѓаните во државава токму преку нивната различна верска определба. Муслиманите ќе го слават еден од најголемите празници, а христијаните, пак, ќе изразуваат почит кон своите соседи и сограѓани. Така е зашто македонскиот мултирелигиски соживот има длабоки корени во земјава, но токму за време на празниците тој е и најмногу видлив. Продолжува традицијата на почит едни кон други, без разлика на религијата, и без разлика на опкружувањето, состојбите и наметнатите околности. Оние што имаат свои блиски пријатели муслимани ќе ги посетат за празникот, повеќето од нив ќе разменат честитки преку телефон, но и преку социјалните мрежи.
Месецот рамазан, во кој муслиманите постеа, односно не јадеа и не пиеја ништо од изгрејсонце до зајдисонце, е деветтиот месец во исламскиот календар, а наедно е и месец на почетокот на објавата на светата книга за муслиманите Куранот. Токму по завршувањето на постите, муслиманите го слават празникот Рамазан-бајрам. Самиот ден кога се слави Бајрам започнува со Рамазан-бајрамска молитва, потоа се оди на гробишта да се посетат гробовите на предците и блиските. Празникот прво им се честита на најстарите, а потоа на другите. Помладите секогаш одат кај постарите. За славењето на денот се приготвуваат и се служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо, аландити и баклава). Празникот се слави три дена и за цело време се оди на честитање.
За празникот се испраќаат пораки полни со солидарност, изрази на морална помош и пораки за што поскоро поминување на мачните и тешките денови. Бајрамот е исто така повод за да се потсети на сиромашните, децата без родители и на осамените. Тоа, според познавачите на исламот, е должност на секој муслиман за Бајрам.
Инаку, улогата на Исламската верска заедница во земјава има големо значење во развивањето на меѓуверскиот дијалог и соживот за Република Македонија, за нејзиното афирмирање како држава богата со различни културни вредности.
Минатата година во интервју за „Нова Македонија“, токму во пресрет на празникот Рамазан-бајрам, првиот човек на ИВЗ, реис-ул-улема Сулејман ефенди Реџепи истакна дека сите заедно треба да продолжиме да ја негуваме определбата за почитување на верската различност и меѓусебна толеранција, со што ќе го дадеме својот придонес за подобро утре на денешните и на идните генерации.
Според него, соживотот е начин на живеење и на размислување, а не е обична куртоазија.
– Да скршиш едно велигденско јајце или да изедеш едно парче бајрамска баклава е нешто сосема едноставно, нешто што секој може да го стори. Нивната симболичка вредност при верските празници е голема и упатува на размислување за вредностите на животот подарен од Бога, кој мора да биде осмислен духовно, исполнет со почит и пријателство, со хуманост. ИВЗ работи и се труди за и околу соживотот, било за време на верските празници, било по празниците – изјави реисот.
Рамазан-бајрам се слави со големи прослави во целиот муслимански свет. Почнувајќи од далечната Кина во регионите каде што живеат муслиманите Ујгури, па преку азиските земји, Индонезија, до земјите на Блискиот Исток, Палестина, африканските земји и земјите на Балканот, дури и до Европа, насекаде каде што се распространети муслиманите, било во заедници или поединечно.