Претседателот на САД Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин сакаат да ја ослабат Европската Унија, рече висок претставник на ЕУ еден ден пред започнувањето на изборите за Европскиот Парламент, а потврди „Нузвик“.
– Земјите како Русија и Кина, но и САД, како никогаш претходно ставија големи предизвици пред ЕУ – рече Јурки Катаинен, поранешниот премиер на Финска и заменик-претседател на Европската комисија.
Тој додаде дека ЕУ за првпат во нивната историја е во ситуација каде претседателот на САД и претседателот на Русија се чини дека имаат заеднички погледи за Европа.
– Нивниот поглед е: што послаба Европа, тоа подобро, бидејќи тие мислат дека тоа е подобро за нивните сопствени земји, што очигледно не е точно – додаде Катаинен.
Трамп веќе долго време е силен критичар на мултилатерализмот и се користи со тип на национализам во кој секоја држава се грижи само за сопствениот национален интерес. За разлика од претходните американски претседатели кои ја почитуваа трансатлантската алијанса, Трамп лани ја критикуваше ЕУ, тврдејќи дека никој полошо не ги третира САД од Европската Унија, констатираат од „Њузвик“.
Во меѓувреме, многу експерти ја обвинија Русија за обид да ја ослаби ЕУ со финансирање на евро-скептичните политички движења и за предизвикување на внатрешен раздор во земјите. Службите за истрага во Велика Британија истражуваат дали Русија е вмешана во референдумот за брегзит.
Русија исто така ги поддржа европските десничари како што се Марин Ле Пен во Франција и Матео Салвини во Италија, кој во Европскиот Парламент носеше маичка со ликот на Путин.
Европскиот политичар и либерал од Белгија Гај Верхофштад, во колумна за „Проџект синдикејт“ напиша дека глас за популистите на престојните Европски избори е глас за Владимир Путин.
– Настрана нивниот евроскептицизам и ксенофобија, европската десница и лидерите на популистите се обединети од нивното обожување на рускиот претседател Владимир Путин. Нивните изјави звучат како да дошле директно од Кремљ, каде пионите на Путин континуирано се жалат за таканаречената „елита предводена од Вашингтон и Брисел – напиша Верхофштад.
Верхофштад дополни дека исто како нелиберализмот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, партнерството меѓу европската десница и Кремљ е оставено да вирее веќе предолг период.