Дали една индивидуална пресуда го дерогира билатералниот договор меѓу Македонија и Бугарија
Во Стразбур е во тек исклучително интересен судски случај, кој во себе има потенцијал битно да влијае на билатералниот договор за добрососедство со Бугарија. Имено, тоа е случајот за барањето за регистрација на „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“, чиј претседател е Ангел Кирил Радонов, кој државата Бугарија го одбива. Правната битка на Македонците во Бугарија да го регистрираат своето здружение трае од 2013 година, случајот е пред пресуда, која би можела, според правните експерти, де факто и де јуре да го доведе во прашање договорот со Бугарија
Случајот наречен „Радонов против Бугарија“ се одвива пред Судот за човекови права во Стразбур. Трае шест години и има голема веројатност да заврши годинава, во октомври. Нашиот соговорник, адвокатот Тони Менкиноски, вели дека Македонците во Бугарија се пред историска победа пред Судот за човекови права во Стразбур од каде што се најавува пресуда во корист на барањето за регистрација на „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“.
Долготрајна битка со позитивен изглед за исход
Адвокатот Менкиноски нагласува дека позитивната пресуда за Македонците не само што ја задоволува правдата, туку има и силни политички референци, односно дека Македонците во Бугарија може да ги потврдат својата посебност и својот етнички идентитет.
Пресудата на Судот во Стразбур ќе треба да утврди кршење на членот 11 од Европската конвенција за човекови права, а тоа ќе значи дека Бугарија го признава македонското малцинство и дозволува да се регистрира македонско здружение.
Адвокатот Менкиноски вели дека тоа би била очекувана правна разврска на овој долгогодишен случај, притоа потсетувајќи на случаите со ОМО „Илинден“, ОМО „Илинден-ПИРИН“, и на други случаи поврзани со правата на Македонците во соседните држави.
– Според мене, ние одиме кон конечна многу позитивна пресуда. Јас овој случај го водам про боно, без никаков финансиски надомест, затоа што сметам дека овој случај ќе покаже дека секогаш треба да се искористат правните средства и механизми. Од друга страна, ова е начин и за битка против двојните стандарди и критериуми од кои страдал Македонецот во Европа. Можеби со оваа пресуда Судот во Стразбур нема да ја фрли Бугарија на колена, но таа ќе се соочи со пресуда од која повеќе нема каде да бега и тоа во период кога треба да се примени спогодбата за добрососедство. Бугарија е во постмониторинг-процес во одредени области, и таа како правна и демократска држава се тестира токму на членот 11 од ЕКЧП, односно правото на слобода на здружување – вели Менкиноски.
Конечно излез од европските правни лавиринти
Судот писмено се обрати до бугарската влада во која ја известува дека својот одговор околу забелешките на тужителот, треба да ги испрати до 17 септември 2019 година. Сепак, судот остава простор за Владата во Софија за „пријателска разврска“, односно да изнесе предлози во однос на тужбата.
Писмото од Судот во Стразбур до адвокатската канцеларија на Менкиноски по електронски пат стигна пред неколку дена, но во изминатите години кореспонденцијата не одела толку лесно и брзо. На пример, на 18 октомври 2018 година судот испраќа писмо до Менкиноски во кое наведува оти уште не добиле одговор на писмото од 9 мај 2018 година. Значи цели пет месеци. Но такво писмо не стигнало во адвокатската канцеларија на Менкиноски во Скопје. Затоа тој добил рок до ноември да одговори, во спротивно ќе се смета дека тужителот се повлекува од тужбата!? Но, во интерес на двете страни кореспонденцијата била подобрена. Инаку, претходно имало испраќани дописи од Судот во Стразбур на француски јазик, или на бугарски јазик, за што требало многу повеќе време за преведување, иако комуникацијата требало да се води на еден од официјалните јазици на судот – англискиот. Интересен е и случајот со писмото од 26 април 2018 г. во кое се наведува дека треба да му одговорат на судот до 26 април, односно уште истиот ден.
Македонците опасни?!
Според фактите, кои ги утврдил и Судот за човекови права, на 3 април 2012 година деветмина Македонци имаат состанок на кој носат одлука да формираат здружение. Потоа тие избираат борд, а за претседател е избран Ангел Радонов, бугарски државјанин, етнички Македонец, роден во 1954 година во Благоевград. Радонов, во согласност со одлуките на здружението требало него да го регистрира – на 13 јуни 2012 г. ги поднел документите за регистрација во Регионалниот суд во Благоевград. Судот на 7 февруари 2013 година донел одлука со која го одбил барањето за регистрација на „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“ (кој во случајот според Стразбур се води како прв апликант).
Потоа Радонов поднесува жалба на таквата одлука, повикувајќи се на членот 44 од Уставот на Република Бугарија, кој овозможува слободно здружување на луѓето без разлика на нивната етничка припадност. Но Апелацискиот суд на 11 април 2013 година ја потврдува судската одлука.
Според толкувањето, судот не можел да донесе позитивна одлука затоа што здружението „во својата програма навело дека ќе се залага за заштита на човековите и етнички права на Македонците и другите етнички малцинства во Бугарија и оти тоа го предлага преку организирање предавања, разговори и конференции за минатото на македонскиот народ и неговата револуционерна борба, како македонски национални собири и комеморации на историски датуми и настани, преку собирање, издавање и зачувување на сеќавањата, документи и други материјали за судбината на Македонците во Бугарија, преку давање правна и друга помош за репресираните Македонци и нивните наследници во Бугарија, преку организирање собири…“ Практично сите овие активности се според членот 11 на Европската конвенција за човекови како и според загарантираните права за националните малцинства.
Но, за судовите, кои се повикуваат на уставните одредби, ова значи политичка активност, а такво нешто е резервирано само за политички партии. Аргумент што не може да помине во Стразбур! Иако Уставот има широко објаснување во таа насока и тој ја заштитува целовитоста на државата од политички дејства, кои би значеле, на пример, поделба на земјата или отцепување на еден нејзин дел.
Но здружението, кое се бори со судските толкувања, заедно со Менкиноски се држи цело време за клучниот аргумент – дека државата, односно судската власт го крши членот 11 од ЕКЧП од правно неразбирливи, но (политички) сосема јасни причини.
Исти процеси и судски толкувања поминаа и ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден-ПИРИН“, која беше дури регистрирана како партија, а кога Бугарија влезе во ЕУ со судска одлука ја избриша.
Удар врз договорот за добрососедство со Бугарија
Во врска со очекуваната пресуда на Судот во Стразбур, која е извршна, односно Софија ќе мора целосно да ја спроведе, а тоа значи да дозволи да се регистрира македонското здружение, адвокатот Тони Менкиноски е мошне цврст на својот став дека таа ќе биде „индивидуална пресуда, која ќе го урне билатералниот договор за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија“.
– Битката за Македонија и Македонците ниту има почеток, а ниту ќе има крај. Битно е сега како ќе постапиме ние. Од тоа зависи како идните генерации Македонци ќе нѐ обележат и ќе нѐ запишат во историјата – дали како нивни и чувари на заветот на македонските предци, или како македонски душмани – истакнува Менкиноски.