Ракометарките на Ѓер третпат по ред се победнички во Лигата на шампионките (ЛШ), откако во финалето на завршниот турнир во Будимпешта славеа над Ростов Дон со 25-24 (15-11). Во полуфиналните дуели Ѓер го совлада Кристијансанд (31-22), а Ростов беше подобар од Мец (27-25).
Со овој триумф унгарскиот првак Ѓер стана третиот најуспешен тим во историјата на ЕХФ, со пет освоени титули, односно втор најуспешен тим откако е воведена ЛШ. Почнувајќи од 1961 година до денес, најтрофеен тим е советскиот Спартак Киев со 13 шампионски пехари. Австриски Хипо е со осум титули, четири од времето на Европскиот куп и четири од воведувањето на нокаут-системот во ЛШ. Ѓер првата титула ја освои последната сезона од нокаут-системот, а преостанатите четири, од кои трите во низа, од воведувањето на фајналфор-турнирите во ЛШ.
Со освојувањето на петтата шампионска титула на Ѓер, Анита Гербиц и Едуарда Аморим се искачија на второто место на листата на шампионки. Поуспешни од нив со по шест европски титули се Аусра Фридрикас и Бојана Поповиќ.