Димитар Пандев е годинашен добитник на наградата „Книжевна далга“ што ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга за придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и на балканските книжевни вредности во светот и воспоставување нови патишта на соработка.
Наградата, како што соопшти денеска ревијата „Бранувања“, ќе му биде врачена на манифестацијата „Струшки книжевни средби“ што по деветти пат ќе се одржи од 4 до 6 јули во Струга, Охрид и Вевчани.
Пандев е филолог и литературен критичар, роден 1958 година во Охрид каде завршил основно и средно образование. Високото образование го завршил на Филолошкиот факултет во Скопје, каде работи како редовен професор. Активно се занимава со литературна дејност, особено со литературна критика, но и со проза, осовременување и издавање стари текстови и превод, како и со учебникарска дејност.
Член е на Друштото на писателите на Македонија од 1985 година, а бил долгогодишен член на Сојузот на Друштвата за македонски јазик и литература и секретар во еден мандат, како и претседател на Советот за македонски јазик. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои „Гоце Делчев“ (1996), „13 Ноемри“ на Град Скопје (2007), „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија (2010)…
Досегашни добитници на признанието „Книжевна далга“ се Мерсиха Исмајлоска (Македонија), Миљурко Вукадиновиќ (Србија), Вања Ангелова (Бугарија) Олга Лалиќ Кровицка (Полска), Ристо Василевски, Виктор Шеќероски и Ристо Василевски.