Нашата амбиција е освојување на првото место во групата кое ни носи подобра позиција за ждрепката за ЕП, вели селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Данило Брестовац
Македонската машка ракометна репрезентација продолжува да чекори по патот што води на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2020 година, кое ќе се игра во три земји, Австрија, Норвешка и Шведска.
Избраниците на селекторот Данило Брестовац ремизираа со Исланд (24-24) во реванш-мечот од четвртото квалификациско коло, група 3, и со петте бода практично си обезбедија пласман меѓу најдобрите 24 селекции на ЕП.
– Одигравме уште еден тежок натпревар, во кој благодарение на самодовербата и борбеноста, успеавме да ја анулираме негативата и да се вратиме во игра. Јас на исходот од овој меч не гледам како на реми, туку како на освоени три бода на двата дуели против квалитетниот противник. Мислам дека веќе сме пласирани на ЕП, но наша амбиција сега е првото место во групата и победи во двата преостанати дуели со Турција и Грција, кое ни носи подобра позиција за ждрепката за ЕП – изјави селекторот на Македонија, Данило Брестовац.
Во првите две квалификациски кола Македонија одигра лошо и несигурно. Најпрвин се изнамачи за да ја победи Турција (31-27), а потоа беше поразена од аутсајдерот Грција, како последица на крајно лошата игра на гости кај јужниот сосед. Следуваше просечно издание на македонскиот национален тим на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска, на кое Македонија заврши на 15 место.
Како одговор на тоа, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) направи селекторската промена, на местото на Раул Гонзалес дојде Данило Брестовац. Под негово водство македонската репрезентација доживеа вистински препород, тој донесе нова енергија во тимот, ги врати самодовербата и борбеноста што резултираше со победа и реми во двомечот со Исланд, а притоа го направи долго најавуваното подмладување на репрезентацијата од неговите претходници.
Во пресрет на последните два натпревари што ќе се играат на 12 и 16 јуни, Македонија ја има судбината во свои раце. Со победи над Турција на гости и над Грција на домашен терен би го освоила првото место во групата кое носи место во вториот барабан за ждрепката за ЕП. Покрај пласманот по квалификациите, во критериумот за распределба на селекциите по барабани влијае и пласманот од последното ЕП.
Пласман на ЕП 2020 преку квалификациите обезбедуваат двете првопласирани селекции од секоја група и четирите третопласирани селекции, заедно со бранителот на титулата, Шпанија и домаќините Австрија, Норвешка и Шведска.
Лазаров втор стрелец во квалификациите
По четирите одиграни натпревари најефикасен во македонскиот национален тим е капитенот Кирил Лазаров со 30 гола, втор стрелец во квалификациите, зад швајцарскиот централен бек, Енди Шмид, кој има дадено 33 гола. Трет со ист број голови како и Лазаров е левото крило на Германија, Уве Генсхалмер.
Втор стрелец во македонскиот состав е левото крило Дејан Манасков со 22, а трет Филип Талески со 19 гола.
Седум селекции обезбедија место на ЕП
Германија, Хрватска и Словенија по четвртото квалификациско коло, заедно со домаќините Австрија, Норвешка и Шведска и актуелниот европски првак Шпанија си обезбедија пласман на ЕП 2020. Германија и Словенија се единствените две селекции без загубен бод, а Хрватска има едно реми, со Србија.