На голем дел од скопските улици пешачките премини се избледени до непрепознатливост, како оние на фреквентните улици така и оние пред градинките
и училиштата. Ваквата состојба е една од причините за сообраќајни незгоди во кои најчесто страдаат пешаците градот и „ЈП Улици и патишта“ се на потег
Необележаните, односно крајно избледените, непрепознатливи пешачки премини на цела територија на Скопје, како и необележаните и необоени полни и испрекинати линии на скопските улици претставуваат вистинска опасност по безбедноста на учесниците во сообраќајот. Граѓаните не знаат каде да ја преминат улицата ако на неа одамна се избришала белата боја на пешачкиот премин и секое преминување е опасно по нивниот живот. Избледените зебри не можат да се видат ниту од далеку ниту одблиску, па возачите, доколку возат со малку поголема брзина, не ќе можат лесно да ја намалат кога ќе стигнат на пешачкиот премин и поради тоа повторно некој може да настрада. Пешачките премини се важни сообраќајни знаци, но за жал, на многу градски сообраќајници тие се избледени и одамна не се подновени со нова бела боја, за да може да бидат видливи. Особена опасност предизвикуваат необележаните пешачки премини пред градинките и училиштата, како и на фреквентните сообраќајници во центарот на градот или оние близу автобуските постојки или институциите.
На пример, улицата кај Рамстор и улицата Васил Ѓоргов, да не зборуваме за Партизанска, се со повеќе премини, но сите пешачки премини едвај може да се забележат, бојата речиси ја нема. Така е и на булеварот ВМРО, а во делот на мостот „Гоце Делчев“ едвај се забележуваат полните линии. Слична е состојба на Пластичарска улица, на некои од сервисните улици во Чаир, во Бутел, Гази Баба, Кисела Вода и во многу други делови на градот.
Од градот Скопје велат дека бележењето на коловозите се врши континуирано и во сите сезони, а во годинашната програма за тоа се предвидени повеќе од 23 милиони денари.
– Бележењето на коловозите и на пешачките премини се одвива во континуитет на сите сообраќајници што се во надлежност на градот Скопје. Сите работи ги извршува јавното претпријатие „Улици и патишта“ во согласност со програма за одржување, проектирање и изведба на светлосна, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на подрачјето на Скопје, донесена од страна на советот на градот Скопје. Под одржувањето на сообраќајната хоризонтална сигнализација во оваа програма се предвидени редовни, односно превентивни активности за одржување и интервентни или по потреба. Во согласност со програмата, сезоната за работа е перманентна, нема прекини. Вкупната површина на коловозите која влегува во програмата за 2019 година е на 45.000 квадратни метри – велат од градот Скопје.
Јавното претпријатие, пак, „Улици и патишта“ е задолжено за одржување на сообраќајната сигнализација на главните сообраќајници. Иако ги прашавме, тие не ни одговорија кога последен пат ги бележеле улиците.
– Обновата на хоризонталната и вертикалната сигнализација започнува со завршувањето на зимската служба, односно во периодот од 15 март до 15 октомври. Често се јавува и потреба да се одложи или продолжи работата, во зависност од временските услови кои влијаат на обележувањето на улиците и на поставувањето сообраќајни знаци, како и во зависност од програмата за работа која ја добиваме по налог од градот Скопје. Хоризонталната сигнализација со текот на времето избледува на оние места каде што е најоптоварен сообраќајот, а вертикалната се менува ако е уништена од несовесни возачи или се поставува нова на места каде што е предвидена засилена безбедност за движење во сообраќајот – ни рекоа од ЈП „Улици и патишта“.
Но оттаму не напоменаа каде и на кои улици претстојниот период ќе бележат пешачки премини или полни и испрекинати линии. Но информираа дека на булеварот Александар Македонски веќе една година се работи на поставување светлосни пешачки премини, кои се предвидени да бидат поставени на педесетина локации, а досега веќе половина се изведени на оние улици со најфреквентен сообраќај.
Како што може да забележат читателите, објаснувањата од градот и од „Улици и патишта“ се административни, теоретски, политички и невистинити. Ниту една улица не е преобоена според некаков задолжителен годишен план и програма. Не е потрошено ниту едно евро за оваа најважна сигнализација на улиците, за безбедноста на пешаците. Објаснувањата не се оправдување. Останува градоначалникот Петре Шилегов да прошета пеш низ градот заедно со екипа на „Улици и патишта“ за да се увери на терен каква е состојбата и да преземе соодветни мерки. Без тоа, седејќи во канцеларија, него може да го лажат колку сакаат и да му претставуваат секакви „потемкинови села“. Се разбира, ако е во интерес на градот да се заштитат пешаците и да се намалат сообраќајните несреќи во кои тие се најчести жртви.
Платоа за смирување и вибрациони ленти
Од ЈП „Улици и патишта“ во текот на изминатиот период работеа на поставување на новите платоа за намалување на брзината на движење на возилата. Поставувањето на вибрационите ленти имаат за цел кога возилото ќе помине над нив, тоа да почне да вибрира и возачот инстинктивно да закочи и да ја намали брзината. Исто така беа поставени и сообраќајните знаци – Зона 30, што диктираат максимална дозволена брзина на движење во сообраќајот. Платоата, вибрационите ленти и Зона 30 се поставени на булеварот Тодор Александров, потоа на улиците Козле, Борис Сарафов, Коце Металец, Брадфорска и на булеварот 12-та Македонска бригада, сѐ со цел да се зголеми безбедноста на пешаците и на учесниците во сообраќајот.