Затворање на стационарот „Вардариште“ е мерката што ја изрече Агенцијата за храна и ветеринарство по извршените инспекциски контроли, како и забрана за заловување на бездомните кучиња во рок од 30 дена. Мерките беа изречени откако на 19 март беше утврдена појава на заразни болести кај бездомните животни и пропусти во работењето. Наскоро нивниот рок истекува. Во стационарот беше побарано да се спроведе темелна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во рок од пет дена пред негово повторно отворање.
Периодов се заловуваа и во стационарот се прифаќаа само кучињата кои каснале човек, односно само по поднесена претставка до Агенцијата.
– Со контролата било утврдено дека не е воспоставена ниту целосна контрола на влезот и излезот во прифатилиштето, а дел од кафезите не ги исполнувале условите за благосостојба и хигиена, односно не биле соодветни за сместување на заловените кучиња. Во дворот на стационарот биле затекнати кучиња излезени од кафезите и животни кои во стационарот влегле однадвор преку оштетената ограда – наведуваат од АХВ.
Спротивно на законот, во стационарот е утврдено присуство на кучиња без мајка, односно животни со несоодветна возраст помали од 6 месеци.
На втори овој месец, ветеринари извршиле инспекциски надзор во стационарот „Вардариште“, при што е констатирано дека се постапува по наложените корективни мерки. Било установено дека е извршена делумна санација на оградата, воведена е контрола за влез и излез во стационарот, ставена е во функција комората за одложување на мршите и е воспоставен карантин за одвојување на болните од здравите животни. Потврдено е водењето на соодветна евиденција за секое заловено куче, а се преземени и наложените мерки за спроведување на дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просториите, додаваат од АХВ.
– „Вардариште“ одамна требаше да се затвори, затоа што во него нема услови. Фалат многу работи, карантин зона, таму нема добри услови за кучињата. Од порано знаевме дека таму се шират заразни болести и апелиравме дека стационарот треба да се затвори. Малите кучиња постојано умираа. Се надеваме дека во новото претпријатие „Лајка“ условите ќе бидат многу подобри. Самото „Вардариште“ какво што е нема да го реши проблемот со кучињата-скитници. Градот треба да воведе други мерки за да може неговата програма да биде успешна. Треба да почне да спонзорира кастрација на миленичињата – смета Радмила Пешевска од здружението „Анима мунди“.