До средината на октомври, со средства од ИПАРД 2-програмата, треба да бидат реализирани првите три инвестиции во преработувачката индустрија. Средствата во висина од 315.000 евра ќе бидат вложени во опрема за сушење овошје и зеленчук, во нова линија за свежи цедени сокови, како и во опрема за преработка на млеко и млечни производи. Договорите беа потпишани вчера во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а инвеститорите од Тетово, Неготино и Визбегово посочија дека наместо 1,5 година, колку што се чекало досега за одобрување на проектите, постапката овојпат траела неполни два месеца од завршувањето на јавниот повик.
– Влегуваме во силен инвестициски циклус кој ќе го раздвижи пазарот, ќе придонесе за решавање на проблемот со вишокот производи и ќе отвори нови работни места – рече ресорниот министер Љупчо Николовски.
Според него, ова е потврда дека ИПАРД е успешна приказна и дека се враќа довербата кај граѓаните во однос на повлекувањето на европските пари.
– Со максимална ангажираност на сите вработени направивме во најкраток рок да се обработат и да се потпишат договорите. Ова значи побрз пласман на европските средства до претпријатијата од преработувачката индустрија и земјоделците, со што ќе се намали дисбалансот на пазарот. Ќе се овозможи и откупните цени да пораснат и да се извезуваат производи со поголема додадена вредност – нагласи директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.
Инвеститорите истакнаа дека сега се задоволни од брзината и едноставноста на постапката за аплицирање за средства од ИПАРД-програмата.
– Досега чекавме многу време, ни бараа многу документи, а сега е многу лесно. За два месеца ги потпишавме договорите, што за мене е многу важно, бидејќи поседувам млекарница – истакна Сервет Ќазими од „Сентис“, кој за опрема за преработка на млеко доби 90.000 евра.
Омер Фејзулаи од „Баконутс“, чиј договор за опрема за сушење овошје и зеленчук е вреден 150.000 евра, раскажа дека аплицирал за ИПАРД во 2011 година, но по 1,5 година го одбиле оти не ги исполнувал условите.
Славчо Јорданов од „Ким“ ДОЕЛ кој, според договорот, ќе вложи 76.000 евра во опрема за свежо цедени 100-процентно природни сокови, првпат аплицира за средства од ИПАРД, но најави дека во иднина може пак да се јави на некој од повиците, бидејќи планира набавка и на друга опрема.
За мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ до Платежната агенција пристигнале 65 апликации со кои се побаруваат околу 15,4 милиони евра, информира Бабовски. Деновиве ќе се потпишуваат и други договори од одобрените барања, а во тек е и обработката на апликациите од повикот за мерката „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ за кој пристигнале 1.099 апликации за 17,2 милиони евра. Вкупно на располагање за двете мерки има 25 милиони евра.
Е.Р.