Павлов во акција

Со неодамнешната бронза од ЕП, Павлов оствари огромен скок и сега е на 40-то место на најновата листа за ЛОИ 2020, на која највисоко котира Јованоска (на 30-то место), а потоа следуваат Стефановска (на 31-то), Јакупи и Исмаил (двајцата на 38-то)

Македонските каратисти имаат реални шанси да стигнат таму каде што многумина спортисти можат само да сонуваат – настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020 (24 јули – 9 август) со исполнета норма. Дотогаш има уште 478 дена и многу значајни натпреварувања, на кои тие што моментно имаат најдобри пласмани ќе мора да продолжат со нови успеси, искачување на повеќе подиуми и освојување драгоцени бодови.

Еден од нив е и двократниот европски првак и носител на две бронзи од европските првенства (ЕП), од кои и на неодамнешното ЕП во Гвадалахара, штипјанецот Емил Павлов (категорија до 60 кг). Неговата бронза вредеше 510 поени, а неправедната одлука на судиите, кои го оштетија во борбата за пласман во финалето, ќе му донесеше уште околу 180 поени за олимписката листа.

Со овој успех Павлов оствари „квантен“ скок од 68 места и на најновата априлска листа е 40-ти (во март беше 108.), со вкупно 892 бода (тука се влезени и бодовите од Премиер-лигата во Дубаи), односно освои нови 427 олимписки бода. Но до првите 10 од секоја категорија, а има само три (до 67 кг, до 75 кг и над 75 кг, плус кати) ќе треба многу труд, залагања и, секако, искачени подиуми, кои носат драгоцени бодови. Тоа што радува е фактот што Павлов веќе обезбеди настап на Европските игри (ЕИ) во Минск, годинава, каде што покрај третопласираниот, пласмани обезбедија и финалистите од ЕП, а вкупно по категорија ќе се борат по осум (тројца од ЕП 2019, тројца од ранг-листата, еден од државата-домаќин и еден каратист со вајлд-карта) во пет категории (до 60 кг, до 67 кг, до 75 кг, до 84 кг и над 84 кг).

– Континуитетот на освојување медали од ЕП е мотивација плус кон остварување на мојата животна желба, а тоа е пласман на ЛОИ. Моето учество на ЕИ во Минск ќе го трасира мојот пат кон Токио и искрено се надевам дека ќе го изминам. Во Гвадалахара судиите ми одзедоа 500 поени со самото тоа што не влегов во финалето. Но тоа не ме обесхрабрува. Напротив, јас и другите карате-стипендисти (Берат Јакупи, Пуликсенија Јованоска и Наташа Стефановска – н.з.), сигурно ќе настапуваме на сите преостанати турнири, оти бодовите ни се многу значајни. Така, на пример, триумф на ЕП и во Премиер-лигата носи по 1.000 бода, второто 750, а трето место 500 – вели Павлов.
Да беа на неговото конто и неправедно одземените бодови, Павлов сега ќе беше 19-ти. Водечкиот, Французинот Стивен Дакоста, моментно има 4.590 поени. Павлов не е моментно најдоброрангиран каратист од Македонија, две места пред него се Берат Јакупи и Азиз Исмаил, кои се на 38-то место со 840,5 бода (плус 210 во однос на март), односно со 532,5 бода (плус 97). Јакупи напредуваше едно место, а Исмаил е во минус четири во однос на март.

На листата добро котираат и Наташа Стефановска (до 61 кг), која напредуваше осум места и моментно е на 31-то место, со 662,5 бода (плус 272 бода во однос на минатата листа), но, сепак, најблиску до Токио е каташката Пуликсенија Јованоска, на која петтото место на ЕП 2019 ѝ го донесе 30-то место на листата, односно напредуваше 42 скалила (плус 427 бода).

– Имав добар настап, но можеше и подобро, особено што успешно се вратив по тешката повреда што ја имав. Токму затоа и целиот акцент го ставив на ова ЕП – вели Јованоска.

На патот кон ЛОИ до крајот на годинава претстојат уште пет турнири во Премиер-лигата (Мароко, Шангај, Токио, Москва, Мадрид), три во Серија А (Истанбул, Монтреал, Сантијаго), а во 2020 година и уште едно ЕП. На ЛОИ 2020 ќе настапат по десет каратисти во секоја категорија. 


Како до ЛОИ?

За пласман на ЛОИ 2020 се бодуваат пласманите на турнирите во Премиер-лигата, Серија А, Младинската лига, континенталните и Светското првенство. Така, на пример, првото место носи 100 поени, второто 70, третото 40…, самото учество пет, а секоја победа по 10 бода. Сето ова на СП е помножено со коефициент 12, ЕП и Премиер-лигата со по шест, а Серија А и младинската лига со коефициент три.