Да се донесе решение за привремена мерка за запирање на градежните активности на Алипашината џамија, која се наоѓа во центарот на старото градско јадро во Охрид од страна на Државниот градежен инспекторат, а потоа да се направи ревизија на целиот проект за реставрација и конзервација на овој верски објект. Ова е заклучокот од вчерашната средба во Владата меѓу претставниците на здружението на граѓани „Совест“ од Охрид и премиерот Зоран Заев, на која се разговарало за проблемите за спорната градба без соодветна документација на дел од религиозен објект, како и за наоѓање решенија во согласност со законите. Се разговарало и за аспектите за заштита на културното наследство во градот Охрид, кое е од заедничко значење за сите граѓани.
На средбата биле присутни и в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, и в.д. директорката на Завод и музеј во Охрид, Елеонора Новаковска.
Томе Џамтоски, член на „Совест“, вчера изјави дека средбата со премиерот поминала во позитивна атмосфера, соодветна за наоѓање решение за целата ситуација.
– Ги презентиравме сите аспекти од состојбите со Алипашината џамија. Предлогот на премиерот е во насока да се донесе мораториум на изградбата на џамијата, потоа да се направи преиспитување на целата постапка. Сето тоа се очекува да заврши до 15 маj годинава, а потоа да се презентираат решенијата. Разговорот одеше и во насока да не се предизвикуваат меѓуетнички и меѓуверски поделби, односно да не се разгоруваат страстите меѓу граѓаните -објасни Џамтоски.
Од Владата вчера соопштија дека премиерот Заев посочил дека институциите ќе постапат во согласност со законите, како и дека преку дијалог со сите засегнати страни, а имајќи ја предвид сензитивноста на прашањето, ќе се најдат решенија во интерес на граѓаните на градот Охрид и на државата што останува посветена на заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид.