Производителот на автомобили „бугати“ креира еднократна спортска верзија на автомобил наречен „ла воатур ноар“. Овој автомобил е создаден од јаглеродни влакна и е продаден на анонимен ентузијаст по цена од 11 милиони евра. Автомобилот беше објавен на годинашниот Саем за автомобили во Женева.
Изразот „ла воатур ноар“ на француски значи „црниот автомобил“ и како што може да се забележи кај оваа серија на „бугати“ црната боја е доминантна. „Бугати“ откри дека автомобилот бил купен за 11 милиони евра. Доколку се направи процена во која се вклучува и данокот, се добива вкупна цена од 16,7 милиони евра. Оваа цена го прави „ла воатур ноар“ најскап автомобил на сите времиња. Цената на „ла воатур ноар“ го надминува и „ролс ројс свиптејл“, кој беше продаден на приватен клиент во 2017 година за околу 11.276.800 евра, вклучувајќи го и данокот. Моторот е сличен на неговите претходници и не претставува некаква новост, но севкупната естетика на автомобилот сигурно е новост.
Суперавтомобилот може да се пофали со 16-цилиндричен мотор сместен во тело изработено од јаглеродни влакна, со проширена предница и странична препознатлива таканаречена C-линија, која ги одвојува возачките од патничките седишта.
Автомобилот има шест издувни цевки што излегуваат од неговиот заден дел. Браникот изгледа како да е елегантно интегриран во телото на автомобилот, а дизајнот на ветробранското стакло се чини како да се прелева во прозорците на страните.
Автомобилот има елегантен и опасен изглед, нешто како дизајнот на шлемот на Дарт Вејдер од филмовите „Војна на ѕвездите“. Дизајнот на прозорците и ветробранското стакло во целина, дава изглед како визир на шлем. Целиот дизајн и црната боја на автомобилот го придоби епитетот „црн француски витез“.
– Секоја компонента е рачно изработена, а телото на автомобилот, кој е изработен од јаглеродни влакна, има длабок црн сјај. Материјалот од јагрлеродни влакна и црната боја одговараат совршено – вели дизајнерот Етине Саломе.
Автомобилот е модерно толкување на класичниот „бугати“ тип 57, дизајниран од синот на основачот Еторе Бугати, Жан, во 1930-тите и 1940-тите години. Меѓутоа, визуелно, тој има поголема сличност со хиперавтомбилот на „бугати чирон“. „Ла воатур ноар“ е многу повеќе од модерно толкување на типот „57 СЦ атлантик анд јин бугати“, вели претседателот на „Бугати“, Стефан Винкелман. Винкелман го опишува суперавтомобилот како купе со удобност на луксузна лимузина и со моќ на спортски хиперавтомобил. Го споредува со високата мода на ексклузивни модни дизајнери во Париз.