Фејсбук проработи по најголемиот пад во историјата, но, се уште има проблеми, јави Си-Ен-Ен.
Од компанијата „Фејсбук“ нагласија дека не се работи за хакерски напад, без да соопштат повеќе детали.
Исто така, големи проблеми сè уште имаат Инстаграм, ВатсАп и Месинџер, апликации кои се во сопственост на Фејсбук.
Првите проблеми се случија вчера околу 17 часот. Иако Фејсбук се вчитуваше, многумина пријавија проблеми со објавите. Корисниците на Инстаграм, пак, не можеа да ја рефрешираат насловната, ниту да објавуваат фотографии. Но, утрово од Инстраграм соопштија дека проблемите се отстранети.
Фејсбук последен пат имаше вакви големи проблеми во 2008 година. Но, тогаш имаше околу 150 милиони корисници, за разлика од сега – 2,3 милијарди.
Компанијата, која претежно се финансира од огласи, соопшти дека истражува до која мерка проблемите се одразиле на огласувачите, со можност евентуално да им се вратат парите.
Меѓутоа, тоа не е единствен проблем со кој се соочи Фејсбук. „Њујорк тајмс“ објави дека против Фејсбук нујоршките обвинители покренале истрага поради лични податоци кои таа социјална мрежа наводно споделувала со други технолошки групи.