СДСМ вчера на конгрес го потврди изборот на Стево Пендаровски за претседателски кандидат. Од 783 присутни делегати, 712 едногласно, без против и воздржани, гласаа за Стево Пендаровски.

– Стево е потврда на концептот едно општество за сите во напредна евроатлантска Република Северна Македонија. Знам дека како претседател на сите граѓани на нашата земја својата сила ќе ја влече и од сите наши граѓани, а не само од оние што ќе го дадат својот глас за неговата победа – кажа премиерот Зоран Заев на конгресот на СДСМ.

Инаку, Пендаровски, зад кого застанаа повеќе политички партии, вчера имаше и кратко обраќање пред членовите на централниот совет на ДУИ, кои на седница расправаат за потврдата на неговата кандидатура за претседателските избори.

– Мојот концепт останува Македонија за сите, каде што ќе нема граѓани од втор и трет ред и нема да има потстанари и газди, односно сите треба да бидат еднакви, без разлика на етничката заедница, религијата или политичката партија – рече Пендаровски.

Во однос на изборите и очекувањата, Пендаровски рече дека не е важно кој ќе победи, туку, во пресрет на одлуката на Европскиот совет во јуни, Македонија да покаже дека е способна и има капацитет да спроведе кристално чисти избори.

Почнувајќи од институциите, граѓаните и најмногу политичките лидери, без оглед дали доаѓаат од власта или од опозицијата, бидејќи, како што посочи, најважно е Македонија да победи.

– Најважно е да спроведеме беспрекорни избори со кои ќе ѝ покажеме не само на опозицијата туку и на Брисел дека не случајно сме добиле покана за НАТО и оти за некој месец ќе станеме полноправна членка, туку дека и со полно право очекуваме во јуни да добиеме покана за членство во ЕУ – додаде Пендаровски.