Посетата на министерката за цивилна заштита нa Грција, Олга Геровасили на Птолемаида, во Северна Грција помина со инциденти и тензии меѓу полицијата и насобрана група граѓани.
Според локалните медиуми, едно лице со повреди на главата било пренесено во болница, а биле повредени и четворица полицајци.
Геровасили ја посети Птолемаида за да присуствува на свечената заклетва на дипломираните од Школата за пожарникари, а група граѓани протестираа против Договорот од Преспа.
„Македонија е грчка“, „Ципрас, предавнику“ извикувале насобраните граѓани, објавуваат локалните медиуми.
Министерката за цивилна заштита го коментираше протестот преку нејзиниот официјален Фејсбук профил и напиша дека на поканата на радикалните десничари се огласиле само 15 лица и пратеникот од Златна зора, Христос Папас, јави дописничката на МИА од Атина.
-Граѓаните од Птолемаида им завртија грб. Им завртија грб на насилството и нетолеранцијата – напиша Геровасили кусо по инцидентите.