Збирката раскази „Понор“ од писателот и филмски критичар Златко Ѓелески беше промовирана синоќа, во џебното кино на МКЦ. „Понор“ е петта книга во едицијата „Наше маало“ на издавачката куќа „Бегемот“.
Во збирката, читателот е патник низ крвотокот на Понор, кој се запознава со мали ликови способни за големи нешта, кои во решавачките мигови на животот одлучуваат да го продадат својот спокој за моментен успех, со краток рок на употреба. Понор е негатив на Скопје кое никогаш не постоело, град од некое друго вчера и денешно утре, до кое не смее да дојде.
– „Понор“ е збирка раскази, во кои авторот Ѓелески продолжува, со уште порадикална потреба, да ги истражува и да ги поместува креативните потенцијали на современиот, урбан и нему лично омилен – хорор-жанр, како и предизвиците на т.н. поетика на стравот, втемелена врз сознанијата дека стравот е основната и најискрена од човековите емоции – пишува за делото Елизабета Шелева, која беше промоторка на делото.
Ѓелески и понатаму го негува хорор-жанрот и ја продолжува традицијата на овој прастар извор кој е присутен во животот на човекот уште од прапочетокот.
– Елементите кои што се доминантни во „Понор“ се од хорор-жанрот, меѓутоа убавината на тој жанр е тоа што многу лесно кохабитира со сите можни други жанрови. Ако сакаме да пишуваме квалитетни хорор дела, треба да знаеме како да воспоставиме мело-драма, пред да си поиграме со нивните животи, треба да знаеме како да воспоставиме ликовите да застанат на две нозе. Потребно е хорор-жанрот да стапи во контакт со другите жанрови со кои е во допир, со комедијата, со црниот хумор, со сатирата, и тој кохабитира со нив. Постои можност со хибридизација на најразлични елементи делото да биде послоевито и побогато. Затоа сметам дека хорор-жанрот е убав, со многу правила и прописи, финесите се наоѓаат во тоа како тие ќе бидат имплементирани – вели Ѓелески.
„Понор“ е негово трето објавено дело. Во 2013 година ја објави првата збирка раскази „Морбидизам“, а две години подоцна „Колекционерот на смрт“, составена од новелата „Некрово“ и збирката раскази „Смртовечница на живите мртовци“. Ѓелески откри дека „Понор“ е подготовка кон издавање на неговиот необјавен роман.
– „Понор“ е една многу добра подготовка за роман. Мене ми беше потребно да ја имам смелоста и храброста да му пријдам на овој формат заради тоа што не е нешто што секој може да го напише и не е нешто што секој на својот грб може да го носи. Затоа „Понор“ ми беше убава вежба да ситуирам ликови во едно пространство и взаемност и се надевам дека во некое подоцнежно дело ќе бидат имплементирани заради тоа што ми помогнаа многу за мојот роман кој е финализиран, а благодарение на овие ликови ја добив храброста да му пријдам на романот заради тоа што сметам дека сè што би направил претходно и би го нарекол роман не би било доволно зрело за да се нарече така. Мило ми е што „Понор“ како поим е ставен да егзистира во светот – кажа Ѓелески. В.Т.