Ракометарите на македонскиот првак Вардар ја забележаа и седмата победа во 11-то коло од годинешната Лига на шампионите (ЛШ), откако вечерва во германскиот град Манхајм го совладаа бундеслигашот Левен со 30-27 и на тој начин го задржаа второто место во групата А. На три кола до крајот од групната фаза, избраниците на тренерот Роберто Парондо имаат 15 бода, Германците останаа на 12, а со натпревар помалку води Барселона со 18. Ова во ЛШ беше седма победа на Вардар во досегашните дуели против Левен, еднаш ремизирал, а двапати загубил.

Црвено-црните и без повредените Вуко Борозан, Рожерио Мораеш и Сергеј Горбок, убедливо го добија првото полувреме со четири гола предност (16-12), диктирајќи го темпото на игра, а сите линии на теренот функционираа одлично. Скопјани први поведоа, најголемата предност ја остварија во 27-та минута, кога со голот на левото крило Тимур Дибиров изнесуваше седум гола (16-9), а во неколку наврати предноста беше плус шест. Во финишот на полувремето бундеслигашот со три гола во низа успеа да ја намали негативата на подносливи четири гола. Во овој дел брилјираше бекот Игор Крачиќ со пет гола од исто толку обида, како и голманот Дејан Милосављев со седум успешни интервенции.

И во вториот дел Вардар продолжи со сигурна игра, предноста успеваше да ја одржи, а највисоката од првиот дел, беше повторена во 50-та минута (27-20) со голот на брзиот бек Сташ Скубе. Левен на крајот сепак го ублажи поразот на три гола негатива.

Најефикасни кај вардарци беа Дибиров со седум, додека Стојанче Стоилов и Карачиќ постигнаа по шест, а кај домаќинот Андре Шмид со девет. Следниот натпревар Вардар го игра на 16 месецов во Скопје против унгарски Веспрем.

Г.И.