Се интензивира откупот на тутунот во земјава и во прилепско-пелагонискиот регион, зашто временските услови одговараат за домашната манипулација пред родот да се понуди на откупните претпријатија.
Според земјоделскиот инспекторат досега се откупени 16.434 тони тутун по просечна цена од 210, 54 денари за килограм.
– Откупот тече непречено, како и исплатата на тутутнот. Досега се исплатени 93 отсто од откупениот род на реколтата, смета Благој Индов, директор на земјоделскиот инспекторат.
Според Данчо Милески од прилепското тутунско здружение „Мице Козар“ главно за откуп останува тутун во прилепско-пелагонискиот регион, бидејќи во источниот дел од земјава има тутун за откуп за уште десетина дена. Во Пелагониско може да заврши околу 20 февруари.
– Нема ништо спорно во откупната кампања. Интензитетот на откупот на тутунот се зголеми со „омекнувањето“ на температурите што е погодно за домашната манипулација на родот. Во источниот дел од земјава откупот е при крај и ќе заврши за 10-ина дена, додека пак во Прилепско-пелагонискиот регион, конкретно: Прилеп, Кривогаштани, Долнени, Крушево и во Добрушево има за откуп околу 5.000 тони тутун. Тоа значи, откупот може, главно, да биде готов до 20-ти февруари. Секако дека ќе има нешто за дооткупување, но главните количества ќе ги преземат деветте откупни компании во земјава. Според состојбите со производствената година, поизводителите се задоволни од просечната цена од 210 денари за килограм. Инаку, иако откупувачите очекуваа и пријавија побарувања од 28.000 тони тутун, сепак, реколтата е околи 22.000 тони, изјави Милески.
Тутунарите се задоволни од текот на исплатата на откупениот род на тутутнот.
Законскиот рок на откупот е до 15 март.