Фото: „Нова Македонија“

Кандидатот за претседател од Движењето ЗНАМ– За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска гласаше и на граѓаните им посака успешни избори и да победи демократијата во Македонија.

– Народот да се одважи, да излезе, што помасовно и да ја даде поддршката на тој за кој смета дека ја заслужува. А секако јас како кандидат ќе ја почитувам народната волја, на сите граѓани на Македонија. Нека денешниот ден биде празник на демократијата во Македонија и на Балканот – изјави Димитриевски.

Според него, гласањето се одвива непречено со одредени технички проблеми на некои поединечни гласачки места.

– Со оглед дека водевме нерамномерна кампања, особено во делот на медиумскоското спонзорирање каде што најголем дел од средствата ги имаат самонаречените големи партии, мислам дека граѓаните тоа го препознаваат и на крајот ќе излезе ставот што тие ќе го кажат. Очекувам така да продолжи и во текот на денот, но кога ќе се пребројат гласовите тогаш ќе биде сѐ јасно – рече Димитриевски.

Одговарајќи на новинарски прашања дека од СВР Куманово информирале дека има организирани групи што ги носат граѓаните до гласачките места, тој рече дека нема информација.

– Досегашната пракса покажува дека токму припадниците коишто партиски припаѓаат на едниот, другиот или третиот блок, се токму тие кои го злоупотребуваат МВР во партиско-политички цели. Дали постои вакво нешто, навистина не знам. Впрочем ако Куманово е Македонија, тогаш мислам дека треба да се обрати внимание на целата држава. Кој каков притисок и да прави не може да ја смени волјата на граѓаните. Таа е јасна на крајот на денот граѓаните гласааат зад параванот сами по сопствено убедување. Факт е дека досегашната праска покажува многу злоуптреби на изборниот процес особено поткуп, средства за присила. Имам информација дека и од големите политики блокови се имаат јавувано на луѓе кои дале писмена поддршка за мене со потпис, име и презиме, се чудам од каде дошле до податоците. Со тие податоци единствено располага СВР во матична книга на евидененција, според матичниот број. Но, тоа не е првпат така беше и за локални избори и повторно не успееа да сменат ништо – изјави Димитриевски.