Само 4.000 чекори дневно може да го намалат ризикот од смрт од каква било причина, сугерира најголемата анализа од ваков вид досега, која покажа дека колку повеќе се движите, толку се поголеми здравствените придобивки.
Идејата дека статичниот начин на живот е поврзан со полошо здравје сега е широко поддржана. Меѓутоа, досега не беше јасно кој е оптималниот број чекори кон кои треба да се стремат луѓето или дали постои горна граница над која се постигнуваат само минимални здравствени придобивки, пренесува „Гардијан“.
За да го истражат тоа, истражувачите предводени од Мачеј Банах, професор по кардиологија на Медицинскиот универзитет во Лоѓ, Полска, извлекоа податоци од 17 претходни студии во кои биле вклучени 226.889 лица. Во овие студии, во просек, беа следени податоците собрани во период од седум години, а истражувачите врз основа на нив ги проценуваа здравствените ефекти од различниот број чекори изодени во еден ден.
Студијата, објавена во списанието „Јуропиан џрнал оф превентив кардиолоџи“, покажува дека најмалку 3.967 чекори дневно почнуваат да го намалуваат ризикот од смрт од која било причина, додека 2.337 чекори дневно го намалуваат ризикот од смрт од кардиоваскуларни болести.
Над овие граници, секое зголемување од 1.000 чекори дневно беше поврзано со 15 отсто намалување на ризикот од смрт од каква било причина, додека зголемувањето од 500 чекори дневно беше поврзано со 7 проценти намалување на смртните случаи од кардиоваскуларни болести.
– Нашата студија потврдува дека колку повеќе пешачите, толку подобро. Откривме дека тоа се однесува и на мажите и на жените, без оглед на возраста и без разлика дали живеете во умерен, суптропски или супполарен регион на светот или регион со променлива клима – рече Банах.
За помладите возрасни групи, најголемо подобрување во здравјето е забележано кај поединци што правеле помеѓу 7.000 и 13.000 чекори дневно, додека за постарите од 60 години тоа било помеѓу 6.000 и 10.000 чекори.
Тимот исто така го процени и влијанието на одење до 20.000 чекори дневно, што е еквивалентно на одење 9-10 милји за просечен човек, и откри дека здравствените придобивки продолжуваат да се зголемуваат.
– Во светот во кој има сè понапредни лекови за целење на специфични состојби, како што се кардиоваскуларните болести, верувам дека секогаш треба да нагласуваме дека промените во животниот стил, вклучувајќи ги исхраната и вежбањето, може да бидат барем исто толку, или уште повеќе, ефективни во намалувањето на ризикот од кардиоваскуларни болести и продолжување на животот – изјави Банах.
Според Светската здравствена организација, недоволната физичка активност сега е четврта водечка причина за смрт во светот, со 3,2 милиони смртни случаи годишно.